Продолжуваат чествувањата по повод одбележување на ликот и делото на Григор Прличев. Во рамките на традиционалната културна манифестација „Прличеви Беседи“ денес предвидена е изложба на ликовни дела од колекцијата на НУЦК „Григор Прличев“ во изложбениот салон во Центарот за култура со почеток во 11:45 минути.
Во 12:00 часот се организира свеченост посветена на лауреатот кој ја доби наградата „Григор Прличев“. На малата сцена при НУЦК „Григор Прличев“ ќе настапи хорот при установата, ќе биде претставена наградената поема “ЦВЕТКО” со артистичка изведба на поемата, а потоа и официјално ќе биде врачена Повелбата за најдобра поема за 2021 година на Трајче Кацаров.
Во 13:00 часот ќе биде промовирана монографијата „Прличеви беседи (1952-2022) Хроника на еден културен настан “од авторите Милчо Јованоски и Гордана Змејковска. Промотор ќе биде Владо Жура, а промоцијата исто така ќе се одржи на малата сцена при Центарот за култура.
Програмата завршува утре за кога е предвидено во 11 часот на гробот на Григор Прличев (во близина на црквата Св. Богородица – Перивлепта) да се одржи панихида и да биде положено свежо цвеќе. Во 12 часот пред споменикот на Григор Прличев во непосредна близина на библиотеката „Григор Прличев“ ќе се одржи настанот „Стихови и звуци за Прличев“ во чии рамки ќе биде изведена песната 1762 лето од страна на хорот при ООУ „Григор Прличев“, ќе биде положен лавров венец на спомен-бистата на поетот, а ќе бидат врачени награди на првонаградените литературни творби на распишаниот литературен конкурс од страна на ООУ „Григор Прличев“.
Активностите за одбележување на ликот и делото на Прличев во склоп на манифестација „Прличеви Беседи“ започна вчера со одбележување на патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“. Потоа следеше промоција на книгата „Охридски раскажувачи“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. Промотор ќе биде м-р Перчо Божиновски.
OhridNews













