Со финансиска поддршка од Локалната самоуправа Охрид во рамките на Г1 Програмата за поддршка на Локалниот економски развој на Општина Охрид за 2011 година, во тек е проект насловен “Охрид, туристички бренд што ветува – Премостување на разликите помеѓу реалноста и ветувањето”. Истражувањето го работи здружението Е КУЛ ТУР од Охрид, а главната цел е идентификување и надминување на евентуалните несразмерности помеѓу изворната слика и имиџот на Охрид како туристички производ што се промовира преку маркетинг активности, од една страна, и сликата што се создава при посетата на Охрид.
– Задоволството или незадоволството на туристите што го посетуваат Охрид е навистина тешко да се “измери”. Нашиот град е познат бренд во туристичката понуда, но дали изворната слика која ја има потенцијалниот турист се поклопува со искуството при посетата и престојот во Охрид? Истражувањето кое Е КУЛ ТУР го работи во соработка со повеќе реномирани хотели и приватни апартмани од Охрид, вклучува анкетирање на стотина туристи од повеќе земји, а за таа цел направен анкетен прашалник на англиски, српски и холандски јазик – вели Спаско Костоски, претставник на Е КУЛ ТУР, кој изразува благодарност до Општина Охрид и секторот ЛЕР за поддршката на проектот.
Целокупните активности на проектот кои истовремено имаат цел да помогнат во барање насоки за продолжување на туристичката сезона треба да завршат за 12 недели.











