Проект за изградба на современо и еколошки стандардизирано пристаниште во Охрид најави на денешната прес конференција кандидатот за советник на советничката листа од СДСМ и коалицијата, Иван Димкоски.

Оваа иницијатива не е обичен проект – ова е порта која ќе го поврзе Охрид со иднината и современите светски туристички дестинации. Порта која ќе го отвори градот кон нови можности за туризам, економски развој и меѓународна соработка. Проектот ќе се реализира во корелација помеѓу Општина Охрид, државните институции и приватниот сектор. Ќе се води особено внимание за локацијата да биде избрана во согласност со сите стандарди за заштита на природното и културното наследство, а особено со стандардите на УНЕСКО, посочува.

Ова пристаниште, вели, ќе обезбеди уреден, безбеден и функционален простор за пловни објекти, нови туристички содржини и услуги, можности за отворање нови работни места, еколошки стандарди – со системи за прочистување на води и користење обновливи извори на енергија, комерцијални и угостителски капацитети, достапни за локалното население и посетителите. Додава дека истиот ќе се реализира етапно.

Прво ќе се изработат сите неопходни технички решенија и документација, потоа ќе следи изградбата на инфраструктурата, ќе се инсталираат еколошките системи и на крај, ќе се уреди туристичката и комерцијалната зона и ќе започнат активности за промоција и пуштање во употреба. Оваа визија е спој помеѓу старото и новото, задржувајќи ја автентичноста на Охрид слино ќе влијае на развојот и модернизацијата на градот. Нашата цел е јасна, одржлив туризам што не ја загрозува животната средина, туку ја надоградува туристичката понуда и ја поддржува локалната економија, потенцира Димкоски.

OhridNews