Проект за враќање на култниот сјај на Билјанини Извори најави денес кандидатката за советничка од СДСМ и Коалицијата, Ивана Маховска Шикалеска.

Денес ви претставувам еден проект кој сите го носиме со посебни емоции, а тоа е враќањето на култниот сјај на Билјанини Извори. Сите ние знаеме што значи ова место за Охрид. Тоа не е само извори – тоа е симбол. Симбол на љубовта, на традицијата, на историјата на сите сограѓани. Но денес, за жал Билјанини Извори се надвор од вниманието што го заслужуваат. Затоа, како идни советници предлагаме да го вратиме ова прекрасно место не само како туристичка атракција, туку како културно и духовно светилиште, вели Маховска Шикалеска.

Посочи дека проектот опфаќа техничка реконструкција и обнова местото околу изворите, уредување на околината со патеки, декоративно зеленило и клупи, еко паркинг, информативен центар и средени детски катчиња.

На овој простор ќе се организираат културни настани и манифестации. Ќе создадеме пријатен простор за семејства, туристи, уметници и локални занаетчии. Проектот ќе го реализираме во соработка со сите надлежни институции, со поддршка од државата, УНЕСКО, донатори и граѓанскиот сектор. Целта ни е едноставна, а тоа е са создадеме место каде што традицијата и природата се спојуваат, каде што минатото станува инспирација за иднината. Охрид го заслужува тоа. А Билјанини Извори го заслужуваат својот сјај назад. Затоа се бориме за нашиот дом, додаде Маховска Шикалеска.

OhridNews