Министерството за култура ги одобри деветте проекти со кои аплицираше Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ за тековната 2012 година. Одобрени се сите проекти на кои е даден приоритет и за чија реализација се издвоени 1.100.000 денари.

Меѓу одобрените, се  проектите за Збогатување на книжниот фонд, Библиометриско истражување- за добивање статистички податоци за корисниците на библиотечните услуги и видот литература која ја користат, за манифестацијата „Прличеви беседи“, Роднокрајните литературни критичари аудио записи и Прличевата 1762- симбол на непокорот на македонецот. Од буџетот на министерството за оваа година се издвоени и пари за Заштитата на движното културно наследство во библиотеката.


Библиотеката располага со богат книжевен фонд од монографски и периодични публикации за кои е неопходна перамнентна заштита со која ќе се продолжи векот на траење на библиотечниот фонд, потенцира директорката на охридската Библиотека „Григор Прличев“, Александра Белеска.

Годинава предвидено е и реализирање на неколку културни активности наменети за популаризација на книгата и книжевните вредности, а ќе се одржат и јубилеи, меѓу кои и 100 години од раѓањето на писателот Ванчо Николески и 80 години од раѓањето на Стојан Ристески.

Заедно со хуманитарната организација „Македонска мисија за хуманост“ проектиравме два документарни филма по повод 69 години од егзекуцијата на македонските Евреи. Со посредство на руската амбасада во Македонија стапивме во контакт со руската библиотека, со која спроведуваме проект на ниво на училиштата, во кој децата од Македонија и Русија цртаат според раскази од руски, односно македонски писатели, вели Белеска.

Во 2012 година, од страна на охридската библиотека,  предвидени за реализација се и неколку промоции- представувања на нови книги, односно книжевни портрети.  

OhridNews