Во Дубровник, Хрватска деновиве се одржува Светска конференција за прекугранични води, која е посветена на одбележувањето на 20-годишнината од Глобалниот еколошки Фонд (ГЕФ).

На Конференцијаta на која една од главните теми е управувањето со прекуграничните води, учествуваат околу 300 експерти за прекугранични води од целиот свет меѓу кои македонските претставници Дејан Пановски и Димитрија Сековски, кои ги претставија Охридскиот и Дримскиот проект, како и проектите за заштита на  Преспанското Езеро кој е во тек и на Охридското Езеро кој заврши во 2005 година и кој  беше првото искуство од овој вид во овој дел на Европа.

– Проектот за заштита на Охридското Езеро е оценет како еден од најпозитивно спроведените проекти на Глобалниот Еколошки Фонд. Иницијативата сега е пренесена на ниво на басенот на реката Дрим, апликација е поднесена до ГЕФ и се очекува наредната година ГЕФ да одлучува за доделување на средства за Дримскиот Проект, истакна Пановски.

Тој посочи дека на Конференцијата покрај работните активности и презентации, преку бројните билатерални средби интензивно се врши и промоција на Македонија, посебно на Охрид и Преспа како редок природен и туристички капацитет.

OhridNews