Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески најави дека и оваа година, како и во наредната 2015 година продолжува владиниот проектот „Купи куќа, купи стан“.

– Неодамна ги подобривме и условите, односно ја намаливме каматната стапка за граѓаните на 3,95 проценти за првите 3 години и 4,44 проценти за четвртата и петтата година, доколку се работи за моделот-половина рата. Тоа се извонредни и незабележани досега услови на нашиот пазар, а граѓаните добро реагираат и има зголемен интерес откако ја намаливме каматната стапка, појасни Ставрески.

Досега, информираат од Министерството за финансии, 331 семејство го решиле станбеното прашање со овој проект, а заинтересираност има во сите градови низ Македонија. Засега, граѓаните повеќе се решаваат за купување стан. Од 331 семејство, околу 270-280 се одлучиле за стан, но по намалувањето на каматната стапка интересот за куќа се зголемува.

– Едниот модел е „половина рата“ каде што граѓанинот учествува со половина средства за ратата. Ако е стан станува збор за половина рата, а ако е куќа тоа се 75 проценти од ратата покрива државата, а 25 проценти само граѓанинот. Ако земете 50.000 евра а станува збор за стан, месечната рата доаѓа 300 евра, од тие 300 евра 150 евра плаќа државата и 150 евра плаќатие вие, првите три години. Потоа доаѓа по 155 евра за 4-та и 5-та година, исто по 155 евра граѓанинот и државата. Ако се решите за куќа тука државата зема уште поголемо учество во плаќањето. Ако е 300 евра ратата, 225 евра покрива државата а само 75 евра плаќа граѓанинот, истакна Ставрески.

OhridNews