Владата ќе го преземе финансирањето на проект “Мозаик” во детските градинки по повлекувањето на Швајцарската агенција за соработка и развој која изминатите 10 години ја финансираше неговата имплементација, најави премиерот Груевски. За таа цел Владата ќе одобри вработување на воспитувачи во градинките кои работеле во рамките на овој проект.

– Сметаме дека ова навистина е проект кој Владата треба да го поддржи и да остане трајно во Република Македонија. Државата ќе го поддржи бидејќи тој придонесува во иднина во земјата да има подобар мултиетнички соживот, истакна премиерот Груевски.

Проектот се спроведува во девет општини, меѓу кои и во Струга. Групата „Мозаик“ функционира во рамки на градинката „Сонце“ каде се згрижени дваесетина деца од македонска и албанска националност. Процесот на воспитување се одвива двојазично на македонски и албански јазик, а децата низ игра на креативен начин учат за традицијата, културата и обичаите на другата заедница. Со групата работат две воспитувачки, кои по повлекувањето на спонзорот продолжија да работат волонтерски, а нивните месечни примања хонорарно ги покриваше општината Струга. Според најавите на ресорниот министер нивниот статус наскоро ќе биде решен

-Очекуваме прашањето со вработувањата да се затвори во јануари и групите да продолжат да функционираат бидејќи овој проект дава исклучителни резултати, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тој  апелираше до градоначалниците во општините да бидат внимателни и да ги вработат оние воспитувачки кои веќе подолго работат на имплементација на овој проект, за да не се случи на нивно место да дојдат други воспитувачи, бидејќи во постојниот кадар многу е инвестирано и имаа големо искуство за работата во мешани групи.

Во групите од проектот „Мозаик“ во зависност од потребите, односно од структурата на население има воспитувачки на македонски, албански, турски и српски јазик.

Поради финансиски и други проблеми групите „Мозаик“ во некои општини беа затворени, но со решавање на статусот на воспитувачите постои можност тие повторно да бидат реактивирани.

OhridNews