Во годината која изминува, проекциите на македонскиот филм Мајки привлекле најголем број гледачи во Центарот за култура, односно над 600 љубители на филмската уметност. Останатите проекции на филмови биле посетени со околу 200 гледачи. Директорката на Центарот за култура, Драгана Боцевска е задоволна од интересот и посетеноста на настаните кои годинава се организираа во рамки на оваа установа.


Организирани се повеќе од 100 настани од различен карактер. Наша тенденција е на публиката, преку целата година, да и нудиме богата програма- од филмската уметност, но и театарски претстави, концерти, изложби.  И во идниот период ќе продолжиме да носиме филмови од најновата продукција, вели Боцевска.

За последните неколку дена од годината која изминува во Центарот за култура предвидени се неколку настани. Прикажувањето на филмот на охридскиот режисер Илија Пиперкоски, Чистилиште на душата чија промоција е на 24 декември- е еден од нив. Ќе се одржат и концерт и претстава за најмладите, како и концертот на Есма Реџепова на 29 декември.

Филмските проекции продолжуваат во февруари.

OhridNews