Во организација на НУ Библиотека “Григор Прличев“ и “Македонската мисија за хуманост“, во петок 16- ти март, во просториите на библиотеката ќе бидат прикажани два документарни филма “Сродни души“ и “Запознајте не“ од младата македонска режисерка Марија Макеска.

Филмовите ќе се прикажуваат по повод 69 години од депортацијата на македонските Евреи. Со овие филмови режисерката се придружува кон документирањето и едуцирањето за холокаустот на Евреите во Македонија.

За филмот “Сродни души“ Макеска ја има добиено наградата за најдобар документарен филм на филмскиот фестивал “Направено од Мичиген“.

Проекцијата на двата филма ќе започне во 12 часот во Прличевата Одаја при НУ Библиотека “Григор Прличев“.