Во амфитеатарот на Институтот за Филм – Филмска Академија Охрид, вечерва, со почеток во 19 часот ќе се одржи првата јавна проекција на филм. Во присуство на режисерот Иво Трајков и продуцентот Роберт Јазаџиски ќе се прикажува филмот „ Медена Ноќ“, македонски кандидат за номинација за Оскар.
Приказната во „Медена ноќ“ е инспирирана од новелата „Уво“ на Јан Прохаска, еден од најдобрите сценаристи во историјата на чешката кинематографија. Дејството во филмот се случува во Скопје,во раните 90-ти години од минатиот век, при прослава на национален празник на новоформираната независна држава Република Македонија, а во исто време е и десетгодишнина од бракот на Никола, заменик-министер, и неговата сопруга Ана.
Во текот на дејството кое се одвива во една ноќ во која кулминира брачната криза на главните протагонисти, низ флеш-бек секвенци од прославата,се прикажуваат и секвенци од професионалниот живот и искушенијата на Никола, инволвиран во еден политички скандал во неговото министерство во врска со приватизација на едно државно претпријатие. Во текот на бурните расправии помеѓу Никола и Ана од причина што тој заборавил на нивната годишнина од бракот, на виделина излегуваат сите нивни проблеми, фрустрации и тајни. Тензијата на оваа брачна драма се интензивира и со стравот и паранојата на Никола кој е во потрага по својот извештај за приватизација на претпријатието поради што се уапсени министерот и неколку негови соработници. Во оваа долга и исцрпувачка ноќ тие не се сами. Во нивниот дом се инсталирани направи за прислушување…“
Главните улоги во „Медена ноќ“ ги толкуваат Никола Ристановски и Верица Недевска.
Проекцијата е отворена и бесплатна за сите љубители на филмот.
OhridNews