Во насока на продолжување на градењето на квалитетот и препознавање на уникатноста на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Република Македонија, но и во меѓународни рамки, избран е нов Ректор, Професор Д-р Нинослав Марина, реномиран научник од областа на телекомуникациите и информатичките технологии. Професор Д-р Нинослав Марина планира своето богато искуство стекнато на Универзитетите во Принстон – САД, Универзитетот во Осло, Универзитетот во Хаваи, потоа Швајцарскиот Федерален Институт за Технологии во Лозана и Нокиа, да го пренесе во градењето на УИНТ “Св. Апостол Павле”.

Визијата на Професор Марина, како Ректор на УИНТ “Св. Апостол Павле” во Охрид е универзитетот да прерасне во водечки едукативен и научно – истражувачки центар во областа на информатичко – комуникациските технологии во регионот. Соработката со европски и светки универзитети и центри за истражувања ќе биде главна задача на новиот Ректор, заедно со наставно – научниот и административниот тим на УИНТ. Учеството во меѓународни истражувачки проекти ќе биде клучен индикатор за перформансите на наставниот кадар. Професор Марина очекува создавањето на квалитетни услови за научно – истражувачка работа да ги привлече нашите научници кои работат надвор од Република Македонија да соработуваат со Универзитетот. Квалитетните истражувачки резултати ќе го подигнат квалитетот на наставниот процес. Реномирани странски професори ќе бидат ангажирани за настава на магистерските и докторските студии на УИНТ. Наставата на овој универзитет се одвива исклучително на англиски јазик, што нуди можност за привлекување на сé поголем број квалитетни странски студенти, како и поголеми можности за домашните студенти да го имплементираат стекнатото знаење и искуство од универзитетот во успешни домашни и интернационални професионални кариери, а со тоа да допринесат кон брзиот развој и напредок на Република Македонија.

Универзитетот за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле” во Охрид, како најмлад јавен универзитет во Република Македонија, единствен специјализиран универзитет во областа на информатичките науки и техногии во земјата и пошироко, препознатлив по својот квалитет низнајсовремените наставно – научни програми, едукативни процеси, научно – истражувачки активности и меѓународна соработка, го потврди својот квалитет со постигнувањето на високото петто место во рамки на Шангајската листа за рангирање на високо образовните институции во Република Македонија.

OhridNews