Туристите во Охрид доаѓаат заради УНЕСКО и тоа треба да им се објасни на граѓаните, да се едуцираат што всушност значи да се има статус на светско заштитено природно и културно наследство. Ова го истакна проф. д-р Сашо Коруноски од ФТУ Охрид во емисијата „Напладне“ која од денеска повторно се враќа на платформите на Охридњуз.
Ако имате деградирана природна средина, еве ја Преспа за пример зошто не одат туристите таму? На граѓаните треба да им се објасни што е УНЕСКО и дека заради природните и културните богатства доаѓаат туристите, вели Коруноски.
Оттаму, смета тој, многу внимателно треба да се користи и експлоатира просторот во заштитените подрачја, за да не се намали вредноста на она што всушност Охрид го сврстува во природна и културна реткост од светско значење.
Ако градите многу во луксузен простор вие на некој начин го деградирате просторот. Тоа е парадокс затоа што наеднаш добивате обичен наместо заштитен простор. Затоа инвеститорот и планерот треба да се свесни дека зачувувајќи ги вредностите го зачувуваat ексклузивитетот на просторот. Значи да градиме квалитетно, а не квантитетно, посочува професорот Коруноски.
За туристичките потенцијали на Охрид, опасностите кои се закана за универзалните вредности на Охридскиот регион, развојот, светските трендови кои се потпираат на наука и позитивни искуства, во премиерната епизода од новата сезона на „Напладне“ со Адријана Митевска разговара проф. д-р Сашо Коруноски.
„Напладне“ се емитува на платформните на Охридњуз во среда во 12 часот.
Проф. д-р Сашо Коруноски гостин во емисијата „Напладне“
OhridNews














