Вкупно 30 невработени ќе можат да земат учество на обуките за бариста и бартендер кои на 16-ти август во Охрид, ќе ги организира Туристичкиот Кластер на Југозападна Македонија „ЕДЕН“.
Обуките кои ќе се одржуваат во охридскиот Центар за вработување се дел од Проектот за унапредување и подигнување на квалитетот на услугите во угостителството.
Кандидатите кои ќе сакаат да се пријават на оваа обука мора да се државјани на Република Македонија, да се евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување во подрачните единици на Охрид, Струга, Кичево, Дебар и Македонски Брод, да имаат минимална возраст од 18 години и основни познавања најмалку еден странски јазик. Кандидатите исто така треба да располагаат со интерактивни вештини и способност за работа во тим и да имаат интерес за натамошно вработување во угостителскиот сектор и усовршување на вештините.
Предност за учество на овие обуки ќе имаат лицата со завршено минимум средно угостителско образование, а организаторите ги охрабруваат и лицата од женски пол да аплицираат на јавниот повик за обуката.
Проектот за унапредување на угостителството е поддржан со финансиски средства од „GIZ RED“ – Германската помош за економски развој во туризмот и UNIDO – фондацијата на UNESCO за развој на туристичката индустрија на ривиерата од Охридско Езеро.
Партнери во проектот се здружението „Охридски Еснаф“, Средното Угостителско Училиште „Ванчо Питошески“, Факултетот за Туризам и Угостителство од Охрид и Агенцијата за Вработување.
OhridNews