Тема на овој Конгрес беше “Кои треба да бидат новите цели и одговорности на универзитетите во рамките на глобалните проблеми”. Основниот поттик за поставување на оваа проблематика како мото тема на Конгресот, беше фактот дека традиционалните одговорности на универзитетите се надминати, и дека концептот “универзитет” во современи услови треба да биде редефиниран. Токму затоа универзитетите од целиот свет беа повикани да дадат свои идеи, мислења и решенија за новата дефиниција за универзитет, за проширените цели и одговорности и нивната нова улога во услови на глобализација.
Професор Биљаноска, како дел од учесниците, сними интервју за Универзитетската телевизиска мрежа, во кое го истакна значењето на настанот и особено донесувањето на Завршната декларација.
Во завршната декларација, меѓу другото, се истакнува дека високото образование е меѓународен сектор и дека универзитетите треба да ги искористат дадените можности, да соработуваат со невладиниот сектор и другите институции, и секако да обучуваат професионалци кои ќе можат да се носат со предизвиците на светот кој се менува.