ЕЛТАМ Асоцијација на наставници по англиски јазик по осми пат организира меѓународна конференција за наставници по англиски јазик на тема: „ Успешно менаџирање на наставата и изучувањето на англиски јазик – унапредување на организациските и животните вештини на наставниците и учениците. Конференцијата се организираше во соработка со Британски Совет Македонија и Амбасадата на САД, а под покровителсто на Претседателот на РМ, Ѓорѓе Иванов.
Конференцијата започна со панел дискусија за модели на професионален развој на наставници која се одржа на УАКС, Скопје, еден од партнерите на ЕЛТАМ. Учесниците имаа можност да се запознаат со најновите трендови во наставата по англиски јазик и тоа преку предавања на повеќе од 30 презентери од Македонија и странство.
На конференцијата, освен учесниците од Македонија, имаше учесници и од Србија, Бугарија, Албанија, Хрватска, Словенија, САД, Обединето Кралство, Чешка.
– Голема чест е да се биде домаќин на експерти кои сакаат да дадат свој придонес во професионалниот развој на нашите наставници. Конференцијата се организираше со цел да се придонесе кон подобрувањето на наставата по англиски јазик и целокупниот образовен систем во РМ, бидејќи ЕЛТАМ смета дека професионалниот развој на наставникот е клучен дел на образовниот процес, вели Елизабета Христовска Ичева, претседател на ЕЛТАМ.
Според Александра Поповски Голубовиќ, генерален секретар на ЕЛТАМ, без добро обучен кадар не може да се очекува успешен процес на изучување на јазикот.
– Доколку немаме добро обучен кадар, не можеме да очекуваме дека процесот на предавање и учење ќе биде успешен. Основната цел при органзирањето на вакви настани е да им се овозможи на наставниците од Македонија да се стекнат со нови знаења и вештини, како и да разменат искуства со наставници од регионот и пошироко, објаснува Голубовиќ.
Британски Совет Македонија овозможи присуство на еден од најголемите експерти во областа на изучување на англискиот јазик, Сузан Морду додека Амбасадата на САД обезбеди и 10 грантови за наставници од рурални средини за да им се овозможи присуство на конференцијата. РЕЛО – Регионална канцеларија за англиски јазик при Амбасадата на САД, во Будимпешта обезбеди грантови за студенти по англиски јазик со цел да почнат со својот професионален развој додека се на факултет и да ги увидат позитивните ефекти од учеството на ваквите настани.
OhridNews