Управниот одбор од Охридско лето ја усвои годинешната програма за јубилејното, 50- то издание на фестивалот. Вчера се одржа состанокот на кој селекторите на фестивалот ја презентираа предвидената содржина во програмата за која Управниот одбор даде зелено светло.

Со тоа и официјално се потврдува годинешното учество на голем број познати и признати уметници од областа на музиката и театарот. Како што велат од дирекцијата на фестивалот, и годинава  концептот на фестивалот останува ист, односно 30 проценти ќе биде драмска програма и 70 проценти музички дел. Застапени ќе се и голем број изложби кои ќе бидат претставени на јубилејното издание на „Охридско Лето“.


Минатогодишното издание на Охридско лето го отвори Енио Мориконе

Како што е познато, на 12-ти јули, фестивалот ќе биде отворен со концертот на нашиот пијанист, Симон Трпчески во придружба на Рускиот национален оркестар, под диригентска палка на Михаил Плетњов. Отворањето на Охридско лето ќе се одржи на Античкиот театар со спектакл во режија на познатиот македонски режисер кој живее и рабооти во Русија, Иван Поповски.


Меѓу познатите музички гости кои ќе настапат на фестивалот се виолинистот Вацлав Худечек, кој веќе учествувал на фестивалот пред 15 години. Во драмскиот дел ќе настапат и Народно позориште од Белград, театарот Вера Комерсаржевска од Санкт Петерсбург и Градскиот театар од Истанбул.

Фестивалот на 20-ти август ќе го затвори наградената претстава „Кафкаски круг со креда“ од Бертол Брехт, во режија на Мартин Кочовски на театарот Војдан Чернодрински од Прилеп.
Во рамки на јубилејното издание на фестивалот ќе биде издадена поштенска марка и монографијата за петте децении, а ќе бидат и објавени билборди со мотиви од охридскиот бисер и ликовите на уметниците што настапиле на фестивалот.

Т. К.