Пораките „Да купуваме македонски производи“, „За наше добро“ и „Произведено во Македонија“ заедно со знакот сонце, како симбол за македонски производи, од почетокот на идната година ќе стојат на фискалните сметки.

Министерот за финансии Зоран Ставрески информираше дека Мотивот за ваквата одлука, донесена на владина седница, е да се поттикне купувањето на македонско производи и да се поддржи македонското стопанство.

– Заради времето во кое живееме  и заради општите услови во европската и македонската економија сметаме за потребно да се поддржат македонските производи и да се даде поттик за нивно користење и на сметката да може секој да види  колкав е вкупниот промет од македонски производи, односно колку од вкупната сметка се однесува на производи со македонско потекло“, рече Ставрески.

Тој оцени дека производството на македонски производи зависи од тоа колку во трговијата тие се користат, колку се употребуваат од страна на потрошувачите.

Патриотските фискални каси беа оспорени од страна на Уставниот суд во 2008 година, но предлагачите на законските измени не стравуваат дека и сега може да биде оспорена оваа мерка.

– Интервенцијата на Уставниот суд од јануари 2008 година се однесуваше на правилникот за примена на законот и беше повеќе од технички аспекти. Уставниот суд нема интервенирано во делот на законот за регистрирање на готовински плаќања“, изјави директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски, додавајќи дека одлуката е јасна и може да се погледа.

Истовремено со законските измени се воведува промена во делот на поврзување на секоја фискална апаратура во реално време со УЈП, која на тој начин ќе има поголема прегледност во регистрирањето на прометот кој се извршува преку фискалните апарати.

Секој фискален апарат ќе биде поврзан со УЈП, која на крајот на денот ќе има информации за трансакциите, за вкупниот промет за секој субјект. Со ова практично се воведува поголема транспарентност во работењето на стопанските субјекти и поголема можност за УЈП да ги има информациите и врз база на проценката на тие информации да го следи работењето на стопанските субјекти, изјави министерот Ставрески.

Тој информираше дека субјектите нема да имаат обврска да ги сменат своите фискални каси, туку да ги надградат постоечките, а направените трошоци ќе бидат регулирани преку даночен кредит, односно ќе бидат пресметани како даночно олеснување.

OhridNews
Makfaks