За мене, човечкото во човека е секогаш интересна тема за размислување, за набљудување и дискусија. Загрижува фактот колку нелуѓе има во луѓево, колку нелуѓето се множат и ги потиснуваат луѓето во секоја сфера на живеењето денес.

Ако ме прашате, јас сметам дека ни треба една сериозна организација, која уште посериозно ќе се занимава со заштита, негување и чување на човечките вредности. Ама, бидејќи никој не ме прашал, а и да ме праша не би знаела како да ја презентирам идејата за посакуванава “организација”, останува една опција која се испоставува како слабо функционална и која би сакала да ја развиваме а не да ја пуштиме да згасне: секој од нас да се труди да биди подобра верзија на себеси.

Стремежот да се биде “подобра верзија на себеси”, според мене,не подразбира само чинење добри и хумани дела, не правење зло и штета или живеење по Божјите заповеди од Светите книги. Да се биде подобар, исто значи и да се делува позитивно на околината, да се биде добар пример, да се мотивираат другите во насока на конструктивни и општествено корисни дејанија, да се користи положбата во која што сме (неважно колку е висока или просечна)за да емитираме позитивни вибрации наоколу. Со секој чекор, да го потсетиме нечовекот дека застранил од патот и дека има обврска да се врати меѓу луѓето. Мислам дека токму ова го направи господинот режисер Пиперкоски во неговото последно филмско остварување, играниот филм ”Дедо и внук”. Како еден одличен непознавач на филмската уметност и тотален лаик во оваа област, ама доволно самоуверена кога се во прашање емоции и нивна анализа, си зедов за право да напишам некој збор за она што на Охрид и Македонија им се случи неодамна и ги разбуди заспаните ќелии од мозоците и на луѓето и на нелуѓето кои го гледаа.

Приказната за оваа семејна драма ја слушнавте на телевизија, ја прочитавте по порталите, ви ја раскажаа можда оние кои биле на кино, читавте статуси на фејсбук, а и самиот наслов на филмот е доволен да ви ја најави содржината, но овој наивен, краток и прецизен наслов, зад себе крие многу сложени животни приказни на секој од главните па и на споредните ликови. Сложените приказни, по правило, со себе носат и сложени емотивни состојби, а под “сложени” најчесто подразбираме тешки, тажни, болни и горки.  Еден мозаик од карактерни особини, човечки слабости, неисправени грешки и несовесни постапки е внукот Никола за кој во еден момент чувствувам големо сожалување, а во следниот ужасна аверзија и нетрпение.

Сакам да си одговорите на прашањето ,колку е успешен докторот, специјалист по кардиохирургија, школуван во Америка, син на познати и ситуирани родители, ако истиот тој доктор бива заглавен во комерцијални приказни и нечии туѓи амбиции за уште слава, уште моќ, уште пари- ризикувајќи го на тој начин животот на едно мало болно дете. Дали велиме дека е успешен за човек кој бега од одговорност, не почитува туѓи емоции, не одржува ветување…?

Посебна емпатија почувствував за ликот на Билјана: силна, храбра, великодушна,самохрана мајка на чиј грб спокојно се налегнати товарот на родителството, семејните проблеми,работата и можеби најмногу-товарот од она што се случило во минатото и засекогаш ѝ оставило длабока лузна во срцето. Секој преживеан удар,секоја болка,секоја рана што остава лузна, на нас можи да делува на два начини:или ќе не’ направи сурови, или ќе станиме подобри луѓе – Билјана е од вторите, од оние што лузните ја направиле убава, многу убава!

Дедото е и очекувано ликот што со својата мудрост дава некому жестоки шамари, некому благи насоки. Во него се кршат многу незадоволства од своите деца, срам и непријатност, разочарување и незадоволство, тага, носталгија, осаменост, болка… Секој татко, совршено ќе ги разбере зборовите на таткото на Билјана: “Сакам да си среќна”; Секој кој има сестра, совршено ќе го разбери револтот на братот на Билјана. Секој кој има нешто човечко во себе, ќе се пронајди во некој лик од филмов, ќе си препознае емоција, ќе си ја подгризе устата…секој.

Не знам дали фимот има добра монтажа, фотографија или останати филмски финти, знам дека има одлична приказна и добра порака, а јас сум „old school“ и секогаш паѓам на нешта кои ми го допираат срцето. Во време кога оставаме да не’ фасцинираат ефекти исклучиво постигнти со многуцифрени броеви на одредена валута, приказната од “Дедо и внук” е право потсетување дека она што во суштина треба да не’ фасцинира е толку многу бесплатно-чоештината. “Дедо и внук” е лекција што треба да се научи за петка, патоказ за враќање кон сопственото јас од кое секој некогаш повеќе или помалку забегал, вежба за ментална и емотивна гимнастика. “Дедо и внук” е будење …..пролет во декември! После филмов, ќе се потсетите дека не е успех функцијата, титулата, банкарското конто, општествениот статус… Успехот е успешно да се негува човечкото во човека.

Успевате ли?

Потрудете се повеќе во Новата,

Среќна да е на сите!

Марика

*Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите