Утре, петок, во 18 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде промовирана стихозбирката „Кумова слама“ за која авторот Славе Ѓорѓо Димоски неодамна стана прв добитник на наградата „Антево перо“.

За книгата и творештвото на поетот Димоски ќе беседи професор д-р Димитар Пандев.

CREATOR: gd-jpeg v1.0 (using IJG JPEG v62), quality = 100

Книгата „Кумова слама“ ја издаде издавачката куќа „Три“ од Скопје, во едицијата посветена на награда „Антево перо“

Наградата „Антево перо“ е воспоставена во чест на македонскиот великан, поетот Анте Поовски. Наградата ја доделува меѓународната манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, која го реализира и печатењето на книгата. Книгата беше промовирана на манифестацијата во Скопје и Лазарополе на 28 и 29 септември оваа година, по што следи промоцијата во Охрид.

Поднасловот на книгата „Патописи, дневници, записи“ упатува на различен тип пеења кои настанувале на различни места и по различни поводи во последните дваесетина години (песните се датирани и посочени се местата каде што настанувале), но сите нив ги врзува препознатливиот поетски импулс на Славе Ѓорѓо Димоски.

Во „Кумова слама“ Димоски покажува дека врвното начело на поезијата е да молчи додека пее; да поставува прашања наместо да дава одговори; да овозможи да ја слушнеме тишината како најсовршена хармонија, додека го слушаме срцебиењето на стихот, се вели во образложението на жири-комисијата за наградата.

„Кумова слама“ е тринаесета самостојна поетска книга на Славе Ѓорѓо Димоски. Тој е автор на уште пет книги поезија за деца и на три книги со есеи.

OhridNews