Денес со почеток од 18:00 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи читачка промоција на стихозбирката „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска. Изданието е објавено во рамки на едицијата „Гравири“ на ПНВ Публикации од Скопје, со поддршка од Министерството за култура и туризам.

Уште од самото појавување во современата македонска поезија Јулијана Величковска видливо се издвои со нагласеното љубопитство за поместување и надраснување на веќе освоените стандарди во компонирањето лирска песна кај нас. Затоа и беше за очекување таа наскоро пред читателите да понуди книга песни во проза, но и тој потфат да го продлабочи со плодоносно зафаќање во дијахрониските слоеви на историјата и на книжевната традиција, да ги воспее судбините на митските хероини, суптилно алудирајќи на препознатливите темелни вредности, својства и судбини на женскоста како дел од човечката заедничка вертикала, вели книжевниот критичар Санде Стојчевски.

Особено креативно привлечни и возбудливи, посочува, се ефектите што во овие песни се постигнати со мајсторското користење на еуфониските и визуелните блискости и сличности како својства на лексичките единици, па на тој начин нивниот семантички полнеж бидува зафатен од внатрешна динамика на лирскиот тек, со што песната како да еманира од текстот и продолжува во продолжително ехо надвор од фиксираниот облик.

Овие песни во проза на Јулијана Величковска како да претставуваат суптилно ракување со впечатливиот циклус песни во проза „Селидби“ од првата книга на Радован Павловски „Суша, свадби и селидби“, објавена во далечната 1961 година, и на тој начин го нагласуваат творечкиот континуитет меѓу две значајни генерации во нагорниот раст на македонската поезија, додава.

На настанот авторката ќе одговара и на прашања од публиката.

Јулијана Величковска е писател, уредник, преведувач и организатор на поетски фестивали. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор е на „Поетска ноќ во Велестово“.

OhridNews