Во Светскиот трговски центар во Амстердам, Холандија, вчера, се одржа промоција на туристичките потенцијали и вина на Македонија.

На промоцијата што ја организираше амбасадорот Никола Димитров,  Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија (АППТ) ги презентираше туристичките потенцијали на  Македонија пред повеќе од триесет холандски тур оператори кои веќе ја нудат Македонија како туристичка дестинација, но и пред тур оператори со потенцијален интерес за носење на туристички групи во нашата земја.

 “Холандија е еден од нашите главни целни пазари. До 2010 година пазарот со Холандија во голема мера го одржуваше Каратанова турс, со целиот свој ентузијазам и вложувања во чартерскиот превоз. Од 2010, со пуштањето на програмата за субвенции, привлечени се и други туроператори и оваа година веќе ќе имаме 2 компании кои поставуваат чартер летови кон Македонија. Една од нив поставува и чартер летови од Белгија.  Би сакал да потцртам дека успеавме да разбудиме интерес и за зимскиот туризам во Македонија, нешто што може навистина да претставува голем пробив напред. Генерално, одличен развој на Холандскиот пазар кој АППТ ќе го поддржи преку вложување во натамошни промотивни активности. Денеска имавме успешна промоција која е дел од таа поддршка што ја правиме на овој пазар.” – изјави Јордан Трајков, директор на АППТ.

 
Според амбасадорот Никола Димитров, “ако оваа година започна масовно враќање на холандските туристи во Македонија, идната сезона имаме реални шанси за дополнително зголемување на посетеноста и проширување на понудата.”

Настанот беше поддржан од холандската владина агенција Holand Gatewas.

OhridNews