После патот низ големиот лавиринт на различни стилови на музика, настапи  низ целиот свет со многу музичари и групи, кларинетистот- виртуоз, охриѓанецот  Васко Дуковски уште еднаш изненадува со својот талент и креативност. 

Овој пат со поголема мистичност и експлозија од музички жанрови, Дуковски заедно со уште двајца талентирани музичари, Јордан Костов-хармоника и Круме Стефановски-перкусии  ни го претставуваат револуционерниот албум “Свирци из Кавадарци ” со свој авторски печат како трио насловено “ Amniotic Fluid” (Плодова вода).  Како неодамна формирано трио низ сплет на неколку музички соработки, овие тројца уметници го соединија својот музички апетит на едно место и создадоа нешто кое би било себично да се опише само со неколку збора, во однос на тоа кое чувство го буди кога ќе се слушне.  Театрално парче музика со длабока имагинација, звуци кои секој пат кога ќе ги чуете ќе ве одведат на различно место.

Несомнено овој албум е добар дел од авантурата која овие тројца музичари  ја поминале низ безконечната идиличност на музиката. Дуковски како голем кларинет-виртуоз кој на многу наврати ни ја докажа својата големина како музичар овде и во целиот свет, Јордан Костов како единствен македонски хармоникаш што настапува во оркестарски формации  со својата оригинална музика- музичар кој спојот на џез, фолк, ориентална музика и аргентинско танго успешно ги преточил во многу од своите композиции, и актерот и музичар Круме Стефановски кој по искуството стекнато во театрите во Белград и Скопје, активно се вратил на музиката и постепено го напуштил класичниот пристап на свирење тапани и се повеќе вклучува најразлични ударачки инструменти од целиот свет во своето свирење. Стефановски е поборник   на слободниот музички израз, неоптоварен од строги концепти и жанровски определби.

Оваа свежина од звуци со комбинација на фанк, џез и етно стил македонската публика ќе има можност да ја доживее вечерва во Музеј на град Скопје со почеток во 20 часот.
 
Албумот е издаден од продуцентската куќа “Chicken Madness” и наскоро ќе биде пуштен во продажба .

OhridNews