Дваесет и еден случаj на изгубени или повредени жители или авантуристички туристи, во последните две години успешно ги најде и спаси Планинската спасувачката служба на Црвен Крст од Охрид благодарение на системот за развој, опремување и едукација кои се дел од Програмата за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Република Албанија 2014-2020. Ова, меѓу другото, беше истакнато на свеченоста на граничниот премин „Свети Наум“, каде денеска беше одбележан почеток на уште еден проект од исклучителна важност за туризмот, насловен како „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, поддржан од Европската Унија.
Носител на активностите е Црвениот крст Охрид, а партнери во проектот се Алпинистички клуб Патагонија, Општина Грамш и Општина Дебарца. Проектот, како што истакна претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, ќе се реализира во наредните три години.
Само пред неколку месеци беше промовиран центарот на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид и воспоставивме ефикасен систем за нејзино делување, а сега сме на праг на отпочнување на еден нов проект со што ќе се заокружи нашата долгогодишна заложба да воспоставиме систем кој ќе овозможи безбедносни услови за сите туристи, љубители на планината и авантуристичкиот туризам, но и за сите жители коишто гравитираат во седум општини: Охрид, Ресен, Дебрца, Вевчани и Струга во Македонија и Поградец и Грамш во Албанија, каде непречено ќе делува Планинската спасителна единица. – рече Точков.

Конкретно со овој проект во Дебарца ќе има безбеден зимски авантуристички туризам се до Грамш. Ваквите проекти треба да ги охрабрат и останатите општини, здруженија и институции да се вклучат активно и да придонесат за развој на целокупното општество. Очекувам во иднина со почетокот на преговорите да се отворат и другите програми и да се прклучиме на ИПА III на ЕУ а со тоа ќе имаме успешни проекти. – истакна министерот Милевски.

ЕУ преку фондовите и програмите секогаш се стреми во неразвиени земји да помага, така што овој денешен настан на границата треба да биде во насока дека двете држави треба да соработуваат и непречено да им овозможат на спасувачите да делуваат, но и на посетителителите. – рече Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка во Делегација на ЕУ во Скопје.

Овој проект ќе придонесе Дебрца да прерасне во приридна, културна и туристичка дестинација. Тој овозможува нова понуда за алтернативниот туризам, зголемена безбедност за посетителите, изградба на пристапни патеки до сртот на Илинска планина и опрема за спасување. – истакна градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески.
Грамш има многу туристички дестинации, имаме езеро и водопади, и секако реализацијата на еден ваков проект ќе придонесе за поголема безбедност на посетитеите, а со тоа и подобар развој на туризмот кој е во подем последните години. – рече градоначалникот на албанската општина Грамш Клаудијан Тачи.
На настанот на граничниот премин Охрид – Поградец што беше симболично организиран за да се истакне соработката помеѓу двете страни, Црвениот крст потпиша меморандум за соработка со Национален координативен центар за гранично управување кој е во насока за олеснување на нивниот тим во спасувачки случаи на граничниот премин.
Царинската управа согласно својата работа, освен за грижата на стоки, треба да се грижи за протокот и безбедноста на луѓето и животната средина. Ветувам дека ќе преземеме поедноставни процедури кои се потребни за премин на тимовите и целата опрема за извршување на нивните активности. – рече директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски.

Г.М.

























