Министерството за внатрешни работи, во соработка со Министерството за образование и наука и Здружението на автошколи и инструктори на Република Македонија, за прв пат по 20 години, изработи „Прирачник за полагање на возачки испит“. Како што потенцира на денешната промоција на прирачникот, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, со тоа возачите, за прв пат добиваат соодветна литература која ги содржи сите информации и проблеми опфатени со теоретскиот дел од возачкиот испит.

Новиот Прирачник има 158 страници, а во себе ги содржи сите измени не само во Законот за сообраќај, туку и измените во законите за возила, за јавни патишта, за превоз во патниот сообраќај, за превоз на опасни материи, за работно време и задолжителни одмори на мобилните работници и возачите, како и низа други актуелни правилници. Нуди и каталог на сообраќајни знаци кои секој возач може да ги види на едно место.

Како што рече Јанкулоска, прирачникот составен од четири поглавја, ќе биде достапен преку официјалната веб страница на министерството, а новина е и публикувањето (исто така преку њњњ.мои.гов.мк) на верзиите на сите прашања за електронските тестови заедно и со точните одговори.

За сите категории се изготвени 1200 прашања, а во процес на подготовка се уште дополнителни 400 прашања. Со тоа бројот на комбинации кои може да бидат генерирани со тестот во моментот на полагање изнесува над 100 милиони и практично невозможно е нивно учење на напамет.

OhridNews