Како што појаснуваат од министерството, софтверот ќе овозможи лесно и ефикасно пронаоѓање на трудови, кои во целост или во свој интегрален дел можат да претставуваат плагијати на некои веќе објавени, оценувани или презентирани трудови. Во системот ќе се внесуваат сите видови на трудови, од семинарски работи на студенти преку дипломски, магистерски, докторски дисертации, научни и стручни трудови, па се до универзитетски скрипти и учебници. Министерот за образование Панче Кралев, рече дека корисници во улога на оценувачи можат да бидат асистенти и професори на сите универзитети во Р. Македонија, па дури и вработени во Министерството за образование и наука, кои учествуваат во разни комисии, но и бројни стручни лица од странски универзитети, кои ќе имаат привилегии да прикачуваат веќе објавени трудови во базата на трудови на овој систем.
Министерството за образование изработува и втор систем за откривање на плагијати, кој пробно ќе функционира во наредните три месеци. Преку него секој ќе може да пријави плагијат, со внесување на податоци од каде е преземен плагијатот по што стручни комисии во рамки на Министерството ќе го прегледаат и ќе оценат дали станува збор за плагијат.