Станува збор за аудио запис во времетраење од десет часа, кој содржи документарен дел, репортажи, биографии на авторите, прикажувајќи ги нивните искуства и преокупации во текот на творењето, но и во нивното секојдневие.
– Се обидов и како новинар, да ја искористам онаа моја втора професија, да успеам да наметнам некои ставови за животот и секојдневието и да ги чуеме искушенијата на луѓето-творци. Сите велат дека не е лесно да се пишува и мислите не доаѓаат лесно. Токму и затоа сакав да нурнам во таа нивна длабочина, во нивната душа и да откријам како се создаваат нивните дела и кои се нивните преокупации и тогаш кога не пишуваат и навистина дојдов до едни интересни заклучоци. Се надевам дека авторите ќе бидат задоволни , вели авторот на проектот Јованоски.
Јованоски потенцира дека проектот освен уметничка вредност, има и историска важност за охридската библиотека, затоа што ќе остави трага во времето за оние кои сега творат, а кои идните генерации во аудио и визуелна верзија ќе можат како на дланка да ги запознаат.
– Како новинар и автор знам што значи некој да остави трага и да ве забележи во времето и просторот. Задоволен сум што давам една друга димензија на Охрид, кога во ова турбулентно време сите забораваме на малите нешта- книжевноста и литературата, а сме насочени кон нешто сосем друго како што е егзистенцијата. Се надевам дека ова ќе биде поттик и за други автори кои ќе најдат други форми и идеи како да се заштити културното богатство, додава Јованоски .
Во вториот дел од проектот се претставени авторите Елена Карамешиноска – Ангелоска, Андрија Дојчиноски, Светлана Христова – Јоциќ, Благој Кичеец, Трајан Петровски, Сотир Пирузе, Евда Попоска, Науме Радичоски, Благоја Силјаноски и Бранко Цветковски.
Јованоски најави дека се работи на следното продолжение во кое ќе стане збор за нови десет автори.
Носител на активностите за вториот дел од проектот е Елена Долоска, а уредник Александра Белевска, директорка на охридската библиотека „Григор Прличев“.
Промоцијата на годинешното издание на вториот дел од проектот, постхумно е посветена на Драгица Силјаноска, за нејзниот придонес за промоција и афирмација на литературата.