За книгата, како и значењето на делото на Свети Наум Охридски збооруваше Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, кој истакна дека благодарение на светите Климент и Наум денес ја имаме Македонската православна црква , правосвештенството и монаштво, македонската писменост и книжевност.
– Светиот Наум еве повторно не собра за да го заокружиме минатогодишното одбележување на неговиот спомен. Многу е пишувано за него, за неговото дело и неговиот живот. Во зборникот преовладуваат анализите од областа на црковната уметност кои зборуваат и даваат слика за неговиот лик, неговиот животопис, особено за она што досега не беше толку познато, дека неговиот лик го има и на фреските и иконите надвор од Македонија, рече г. Г. Стефан.
Академик Цветан Грозданов, потенцира дека Зборникот е една многу значајна книга , во која повеќето текстови се посветени на историјата на уметноста.
– Среќен сум што повеќето автори се мои поранешни студенти кои извршија теренски истражувања скоро низ цела западна Македонија . Тоа се текстови кои уште долго ќе се паметат, рече академик Грозданов.
Зборникот содржи 18 текстови на познати академици, професори и научни работници од земјата и странство, еминентни учесници на Симпозиумот по повод 1.100 години од упокојувањето на Свети Наум, кој се одржа во октомври минатата година во организација на Дебарско- кичевската епархија при МПЦ.