Во рамки на чествувањето на 8-ми Декември, Денот на Св. Климент Охридски- Патрон на Охрид, денеска беше промовирана антологијата на песни за Охрид. Поетската антологија „Дојди во Охрид“ ја подготвија проф. д-р Димитар Пандев и поетот Славе Ѓорѓо Димоски, а е во издание на Општина Охрид.

Градоначалникот Јован Стојаноски на почетокот на промоцијата им се заблагодари на приредувачите на антологијата и првите примероци им ги врачи на директорите на основните и средните училишта за училишните библиотеки и на директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“.

Антологијата на песни „ Дојди во Охрид“ ја промовираше проф. д-р Димитрија Ристески, кој истакна дека се работи за богато издание, кое содржи 90 песни за Охрид , од кои 30 се од познати светски поети.

  • Приредувачите, со својата уметничка дарба и со своето извонредно чувство за селективност, успеале во оваа книга да ги врамат речиси сите песни за Охрид од дамнина, па до денес, не се само автори кои потекнуваат од охридското и нашето пошироко македонско подрачје, туку и од странство или според насловот на посебно издвоениот дел од книгата „ Поетите од светот за Охрид“, рече промоторот Ристески.

На промоцијата, двајца автори кои се застапени во антологијата ги прочитаа своите песни за Охрид, а настанот заврши со заедничката порака-во иднина да е што поголем бројот на ваквите значајни изданија.

OhridNews