Во локалната самоуправа денес беше промовирана брошурата „Инвестирајте во Охрид“-   документ кој на потенцијалните инвеститори ќе им овозможи  брз и ефикасен преглед на потенцијалните можности за инвестирање во Охрид. Инвестициските планови и стратегии за развој во брошурата се поделени во неколку области :   можности за инвестирање во делот на туризмот, агробизнисот, во недвижности, градежна индустрија, трговија, здравствен туризам, текстилна индустрија, инфраструктура.

Оваа брошура е посебна гордост на Секторот за локален економски развој и стручните  служби, со оглед на тоа дека во нејзината  изработка учествуваа вработени во локалната самоуправа , кои ги користеа своите можности, знаења, искуства при прибирање на економските параметри, потребните информации кои значат економски, даночни поволности кои локалната може да им ги даде на потенцијалните инвеститори.Презадоволен сум  од постигнатото и колку што јас знам, сме единствената општина која изработила своја сопствена брошура за инвестирање, рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Како што појасна раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов, иницијативата за изработка на брошурата се наметнала по средбите со заинтересираните инвеститори.

По неколкуте одржани состаноци во кабинетот на градоначалникот, беше утврдено дека податоците кои им се презентираа на потенцијалните инвеститори  не беа систематски средени. Со цел да не им се одзема многу време при презентирањето на можностите на инвеститорите, се одлучивме сите податоци кои ги поседува локалната  да ги подредиме во една брошура. Во методологијата на изработка беа користени локации кои се во сопственост на локалната самоуправа или на државата , локации понудени од страна на приватни субјекти или компании и трет метод кој се користеше беше  преку објавување на јавен повик за пријавување на  проекти од физички лица и правни субјекти , појасни Апостолов.

Во соработка со Агенцијата за странски инвестиции, брошурата во електронска верзија ќе се доставува до сите економски промотери на РМ во странските амбасади. Во февруари ќе се распише нов јавен повик за пријавување на субјекти кои имаат проекти или локации интересни за инвестирање, со кои брошурата ќе биде дополнета.

За дел од понудените  локации во брошурата локалната располага со валидни плански урбанистички документации, а за останатите во тек е нивната подготовка, се со цел штом се пројави интерес од страна на инвеститорите, потребните документи веднаш  да им бидат достапни за да можат да почнат со реализација на проектите.

Т.К.