Во „Прличевата одаја“ на НУ Библиотека „Григор Прличев“, вчера, беше промовирана книгата „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) од Славе Николовски – Катин.

Како што истакна директорката на библиотеката Гордана Змејковска, покрај 58-те публикации, Катин е автор и на повеќе од 150 научни трудови од различни области и на над 3.000 новинарски и други текстови објавени во Република Македонија и во светот кои се однесуваат на Македонија, иселеништвото, религијата, културата, македонскиот јазик и литература.

Промоторот на книгата, Милчо Јованоски, опширно се задржа на содржината на книгата.

-Во публикацијата „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) е претставена Македонија како земја која има долга и макотрпна историја проткаена со бескрајни страници, но и со премрежија и турбуленции кои оставиле длабоки траги кај населението што со векови живее на овие простори и кај Македонците од етничка Македонија ширум светот. Во публикација особено е нагласена улогата на македонските православни цркви и црковни општини, клупски и други асоцијативни  облици на собирање  во прекуморските и во европските земји. Најголемиот број Македонци членуваа или се редовни посетители на тие многубројни асоцијации, каде тие организираат верски, национални, фолклорни, спортски, културни и други манифестации, рече Јованоски.

Славе Катин е најплодниот автор во областа на македонското иселеништво ширум светот, истакна вториот промотор неговиот пријател и колега Свето Стефановски:  – Кога се зборува или пишува за творештвото и животниот пат на Славе Катин треба да се нагласи дека тој не припаѓа на политичка партија, туку е голем вљубеник во својата родна Преспа во Охрид, во Македонија и македонскиот народ распрскан по светот, во македонскиот јазик и култура на  Македонците во татковината и во светот, како и во Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Славе Катин е добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои на најпрестижната награда „Крсте П. Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија од областа на журналистиката.