Во емотивна атмосфера, викендов во клубот „Харбор“ во Охрид беше промовиран романот „Само уште еден скок“ на охридската авторка Енис Хилми. Книгата за најпознатото охридско куче, златниот ретривер Тото, зборува за љубовта, животот, минливоста, загубите, но и за надежта, човечноста и одговорноста кон светот што го оставаме зад себе.
Романот е раскажан од необична перспектива, бидејќи самиот Тото е наратор. Преку неговите сетила, радости, стравови и безусловна љубов, читателот го следи животот во неговите најискрени облици, од првите чекори и приврзаноста, до стареењето, разделбите и сеќавањата.
Иако главниот лик е куче, станува збор за книга која всушност зборува за луѓето.
Промоторката Ана Јовковска оцени дека романот е напишан со чист, прецизен и непретенциозен јазик, без патетика, но со мисла што продира длабоко во човечката интимност.
Ова дефинитивно не е книга само за куче. Ова е книга за љубовта, копнежот, радоста во малите нешта, борбата со стравот, носталгијата, минливоста, неизвесноста, разделбата, болката, траумата и посттрауматските искуства… Или, би рекла, книга за односот кон животот кој треба секој ден да го живееме со полни гради, истакна Јовковска.
За професорката д-р Весна Мојсова-Чепишевска, „Само уште еден скок“ претставува исклучителен роман кој отвора нова страница во современата македонска книжевност.
Македонската книжевна историја не познава полнокрвен јунак куче како што е Тото, кому му е посветена книгата. Првпат куче е раскажувач на еден роман. Од ова дело извира убавината на живеењето. Романот веќе влезе меѓу десетте најчитани книги во Македонија и има потенцијал да допре до многу широка читателска публика, рече Мојсова-Чепишевска.
Тото беше препознатлив симбол на Охрид. Златниот ретривер, кој слободно талкаше низ градот, беше омилен меѓу охриѓани и туристите, а многумина ќе го паметат по часовите поминати во капење кај градското пристаниште, каде стана вистинска атракција и миленик на сите генерации.
Покрај силната емотивна нишка, романот отвора и повеќе значајни општествени теми, од односот кон бездомните животни и нивниот третман, до грижата за природата и заштитата на Охридското Езеро. Авторката Енис Хилми на промоцијата не ја сокри загриженоста за состојбите во Охрид, осврнувајќи се и на предупредувањата што со години ги упатува УНЕСКО.
Секојдневно гледаме што се случува. Што се однесува до Охрид, на охридското крајбрежје узурпацијата дивее, градбите дивеат. УНЕСКО десет години нè опоменува и порачува малку да ја спуштиме топката, но не гледам дека е тоа така. Секојдневно гледаме и знаеме што се случува тука, рече Хилми.

Енис Хилми е едно од новите препознатливи имиња на современата македонска книжевна сцена. Таа е добитничка на наградата „Новите“ на издавачката куќа Темплум за најдобар дебитантски прозен ракопис во 2024 година. „Само уште еден скок“ е нејзина втора книга, по успешната збирка раскази „Берлин, градот што не го засакав на прва“, објавена во 2025 година.
Романот „Само уште еден скок“ е во издание на издавачката куќа „Светулка“.
Промоцијата имаше донаторски карактер, а средствата ќе бидат наменети за поддршка на волонтерите што се грижат за безбодмни кучиња во Охрид. Исто така беше покрената и петиција за отворање плажа за домашни миленици на брегот на Охридското Езеро.
Г.М.






























































