Со свечено отворање во Домот на писателите во Бургас, на 26 мај започна дваесеттото јубилејно издание на Меѓународниот литературен фестивал „Свето слово“ (Свято слово), кој траеше до 29 мај и годинава собра поети, писатели и преведувачи од осум држави – Полска, Чешка, Србија, Република Северна Македонија, Хрватска, Црна Гора, Ерменија и Бугарија.
Меѓу гостите и учесниците на фестивалот беа реномирани литературни имиња од повеќе европски држави. На првата фестивалска вечер настапија Калина Изабела Жиола од Полска, Радка Рубилина од Чешка, Милутин Ѓуричковиќ, Душица Ивановиќ и Миодраг Јакшиќ од Србија, Даниела Андоновска-Трајковска и Димче Шипинкаровски од Македонија, Валерио Орлич од Хрватска, Срѓан Лековиќ и Станка Раџеновиќ Станоевиќ од Црна Гора, како и Ермине Навасардјан од Ерменија. Од бугарска страна учествуваа Елка Њаголова, Роман Кисјов, Петар Чухов, Мараја Миланова, Сашо Серафимов и Димана Иванова.
Македонските автори Димче Шипинкаровски и проф. др. Даниела Андоновска-Трајковска со своето присуство и творештво достојно ја претставија современата македонска литература пред меѓународната публика и придонесоа кон афирмацијата на македонскиот јазик и книжевност во рамки на овој значаен културен форум.
Во рамки на првата фестивалска вечер, поетот Димче Шипинкаровски премиерно ја претстави својата нова песна „Бургас – градот на морето“, инспирирана од неговиот престој во Бургас и посветена на градот домаќин на фестивалот. Песната беше прочитана на македонски јазик, а пред присутните беше претставен и нејзиниот превод на бугарски јазик, како дел од фестивалната програма која промовира литературен дијалог и културно поврзување меѓу народите.
Посебно внимание привлече учеството на проф. др. Даниела Андоновска-Трајковска, која во рамки на фестивалската програма имаше промоција на својата книга „Аглите во нашите животи“, преведена на бугарски јазик од Роза Бојанова, а во издание на издавачката куќа ,,Фенер” од Бургас. Книгата беше промовирана од поетесата и преведувачка Роза Бојанова и писателот Николај Фенерски, издавач и претседател на Друштвото на писателите во Бургас. Промоцијата предизвика значителен интерес кај љубителите на литературата, учесниците и гостите на фестивалот, потврдувајќи ја сè поголемата меѓународна афирмација на македонските автори. Андоновска-Трајковска доби и посебно признание во рамки на фестивалот, награда од публика и од жири за мистична поезија инспирирана од посетата на тракиското светилиште Бегликташ за песната со наслов ,,Еден анапест и еден дијамант ја положуваат својата душа на сончевиот грб на Есхара”.
На свеченото отворање свое обраќање имаше и поетесата Роза Бојанова, една од организаторите на фестивалот, која потсети на почетоците и развојот на „Свято слово“ – од средби на словенските творци до денешен реномиран меѓународен литературен форум. Таа го нагласи значењето на фестивалот како простор за литературна размена, превод и културна соработка.
Заменик-градоначалничката за култура и вероисповед на Бургас, Дијана Саватева, поздравувајќи ги учесниците и гостите, истакна дека фестивалот веќе две децении претставува значаен дел од културниот календар на Бургас и место каде се среќаваат различни литературни традиции, јазици и духовни вредности.
Во рамки на програмата, авторите читаа свои дела на оригинален јазик, додека паралелно беа претставени и преводите на бугарски јазик, дел од кои се објавени во најновото издание на фестивалната антологија „Свято слово“.
Свеченото отворање беше збогатено и со музички настап на триото „Неранза“, кое изведе традиционални композиции во триглас, додавајќи посебна атмосфера на литературната вечер.
Фестивалската програма продолжи и во наредните денови со поетски читања, книжевни промоции, повеќејазични литературни вечери и средби меѓу авторите, а посебно беше најавен и музичко-поетскиот проект на Анџела Родел и поетот Петар Чухов, подготвен специјално за јубилејното издание на фестивалот.
OhridNews














