Во рамките на своите редовни промотивни активности и поддршка на роднокрајните автори во Прличевата одаја на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беше промовирана седмата стихозбирка на поетот Наум Трајчески „ Шарени дијаманти“.

Директорот Ангелов потсети дека стихозбирката ,,Одминато време“ издадена во 2017 година на Наум Трајчески му го донесе досега најголемото признание – наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга – поезија на иселеник со македонско потекло, што ја доделува Агенцијата а во рамките на Струшките вечери на поезијата во 2018 година.

Наум Трајчевски е македонски поет и писател познат во светот на македонската поезија по своите шест поетски дела и неколку награди за нив. Неговата поезија зрачи со креативност и ангажираност, а неговиот свет на интерес, преточен во песна се потпира врз љубовта, миграцијата и историјата, рече еден од промоторите Милчо Јованоски.
Оваа седма стихозбирка „Шарени дијаманти“ е спој на зрелоста во годините, но и умеењето со стиховите на авторот Наум Трајчески. Како што шарените дијаманти објективно се ретки, така и неговите поетски изблици обоени со спектарот на животот, градат една поинаква слика за секојдневието и се борат во овој целосно хаотичен свет во кој се мешаат реалното и имагинарното, кога нормалното станува неподносливо чудно а критериумите одамна се изместени и владеат некои нови вредности, непишани правила и луѓе. Наум, притиснат од сето ова, но и од семејните и лични борби во поезијата наоѓа една своја оаза на мирот, лагуна или своја поетска мека, додаде Јованоски.
За промоторот Мирко Томовски ова поетско дело на Трајчески безнапорно развива поетско пеење со едноставен пристап на јазикот, исполнето со слики од животот на два мегдани,две животни епизоди на два континенти.Низ секоја песна и секој стих провејува насушното , носталгичното и неизмерната љубов , нашата македонска печалбарска судбина. Стихозбирката тематски е поделена на четири циклуси.


Наум Трајчески е роден 1952 година во село Издеглавје, Охридско. Од 1977 година живее во Австралија. Основач е на Македонското литературно друштво ,,Ванчо Николески“ од Квинбијан, Нов Јужен Велс. Тој неуморно работи на промовирањето на македонскиот збор преку одржувањето на библиотека, поетски манифестации и годишниот конкурс за најдобри поетски и прозни творби на македонски за деца.
ОhridNews











