Промовирана книгата „Стихописани слики“ од роднокрајниот автор Митко Ц. Колјушевски денес во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.

Промоторот на книгата Мирко Томовски, автор и на рецензијата, во својот осврт кон делото рече дека овие четириесет и пет творби, преку мноштвото директни насочувања, создаваат поетско дело како суверен сведок за идентитетот, традицијата, културата и уметноста, сите собрани во љубовта и тоа не само во еден културен контекст како нашиот, туку и како светско колективно добро, при тоа овозможувајќи да се комуницира со едно уметничко видување како документ на реалноста, сѐ со цел да ги активира најпасивните механизми за восприемање на носталгичноста и љубовта.

Личните промисли на внатрешниот порив во духовното трагање по спомените од страниците на дневникот на животот, за првата љубов, сенката на плачот на мајката, избледената слика на селото, сегашноста на градот и жуборот на реката како џагор на врсниците кои ја достигнале доцната возрасност претворени во стих, се дејствија за сместување во реалноста, при тоа оставајќи ја фантазијата во светот на поимањето на нештата и преминување во светот кој нѐ опкружува, кон збиднувањата како повод за соживување на целото свое битие, почнувајќи од самото раѓање, односно од многуте раѓања сѐ до многуте умириња. Сето тоа е тука околу нас, опеано мошне умешно преку секојдневно присутните поими, притоа посочувајќи го целото изнаоѓање, сѐ со цел да биде непосредно поблиско до денешните овоземски битија. Авторот, соживувајќи со своето најсвето, остава трајни вредности за едно време, одамнешно, минато, или сепак денешно, вели Томовски.

Пред почетокот на промоцијата ме совлада трема, а сега откако помина чувствувам радост и елан и натаму да творам, рече авторот Колјушевски.

Зад мене се многу непроспани ноќи, многу запишани стихови и песни кои дури се и опеани од мене и моите фолк и староградски групи. Се трудев тоа да се песни напишани во македонски дух, преполни со емоции и љубов. Се надевам успеав. Сега стихозбирката е во рацете на публиката и таа ќе го даде судот, додаде Колјушевски.

Промоцијата ја водеше и стихови читаше поетесата Маја Мојсова.

Инаку, Митко Ц. Колјушевски е роден 1949 год. во Охрид. По професија – Водител на процеси во М.М. Насока (во пензија). По вокација музичар (пеење, гитара, тапани и други ударни инструменти). Автор е на песните, „Стариот Фенер”, „Охридски стари трубадури”, „Месецот ти плете коприна“…

Се потпишува на аранжманот на повеќе македонски народни песни. Колјушевски е еден од основоположниците и долгогодишен член на ансамблот за староградска музика „Самуил“ и групата „Цар Самуил“.

Има издадено две збирки со текстови од македонски народни и обнародени песни: – ПЕСНА ТИ ПЕАМ МАКЕДОНКО – МАКЕДОНСКО ДЕВОЈЧЕ-РОСНО КОКИЧЕ Застапен е во повеќе алманаси и поетски збирки, а „Стихописани слики“ му е прва самостојна збирка песни.

Н.С.Ј.