Промовирана Книгата за светите браќа Климент и Наум Охридски од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски денес во рамки на програмата за одбележување на 8-ми Декември, Денот на Свети Климент Охридски.

Проф.д-р Пандев вели книгата претставува синтеза на науката и уметноста, односно на Климентологијата, тоа што е напишано за Климент Охридски во науката од почетокот на славистиката до денес и на уметноста односно на современата македонска уметност.

Во научниот дел од книгата дадени се прегледно делото на Св. Климент и Наум Охридски низ сета македонска историја. Овде треба да се истакнат и првите публицистички натписи за нив, текстовите што своевремено ги објавувал првиот македонски публицист Јордан Хаџи Константинов Џинот па и преку сите проучувања на Блаже Конески и на другите македонски проучувачи. Во оваа книга даден е избор од најзначајните исажувања и на македонските и на светските слависти по однос на Климент и Наум Охридски, додава Пандев.

Потенцира дека традицијата на Климент и Наум Охридски е жива во Охрид уште од нивното време, што се забележува од времето кога е напишано житието на Св. Наум, 916 година, преку сите оние текстови во 19 век.

Постои една циркулација на книги на словата на Климент и Наум Охридски кои на извесен начин го обиколувале сиот словенски свет. Треба да имаме предвид дека јазикот на Климент Охридски во голема мера е вложен во словенската писменост на Македонија, во црковните книги, тоа е јазикот што е пречекан од македонските преродбеници, од Григор Прличев, Рајко Жинзифов, но и руските слависти во 19 век во голема мера за делото на Климент и Наум Охридски дознале од македонските студенти во Москава, од кои најзначаен е Константин Миладинов. Преку делото на Климент и Наум Охридски во една истакната линија светската славистика се запознава со Македонија, македонскиот јазик, македонската книжевна традиција и на извесен начин ги бодрела македонските студенти од тоа време да го продолжат делото на Климент и Наум Охридски и да творат на македонски јазик, додава Пандев.

Авторот Славе Ѓорѓо Димоски вели дека неговиот дел во книгата се однесувал на Климент и Наум во народното творештво и во уметничката литература.

Веќе десет векови нивниот култ е актуелен, предизвикувачки и речиси во сите генерации македонски современи писатели нашле одраз. Во народната литература се познати многу преданија и легенди за нив. Сите имаат некој анегдотски карактер кои ја претставуваат нивната духовна и надприродна моќ со што успеале да го анимираат тогашното население пред се од просветен карактер. Познати се анегдотите на Св. Наум кои ја покажуваат неговата духовна моќ, но и тоа што покажува дека тој нашол одраз во народот. Во уметничката литература тие се јавуваат во времето на македонскиот романтизам, преродбата, во нашата позната песната „1762 лето“, Григор Прличев се повикува на духот на Св. Климент. Истиот одраз во духот на романтизмот е присутен и кај Рајко Жинзифов во песната „Охрид“. Во современата македонска литература сите генерации се навратиле кон мотивот на Климент и Наум почнувајќи од Славко Јаневски, до најмладите македонски творци. Сите на различен начин ги гледаат и тематски ги одработуваат овие два лика, од нивно физичко и духовно претставување се до нивниот рефлексивен одраз меѓу читателите, интелектуалната публика.., вели Димоски.

Промотор на книгата беше новинарот и публицист Диме Ратајкоски кој истакна дека станува збор за едно дело кое навистина и е потребно на македонската историографија и лингвистика, особено сега во овој период кога и македонистиката преживува навистина едни траорни случувања по однос на признавањето, непризнавањето на нашиот јазик итн.

И токму овој зборник доаѓа во вистински моменти, затоа што претставува едно дело, кое и е потребно на македонската публика и потребно е да се обновува затоа што внатре се собрани дела не само на еминентни истакнати историчари и проучувачи на македонската медиевистика, туку и оригинални историски автентични извори во превод на современ македонски јазик, кои ќе бидат доближени на македонската јавност, македонската публика и на обичниот читател. Дела, статии и прилози кои што расветлуваат и го објаснуваат животописот на двајцата големи просветители не само во македонската историја туку во сесловенската историја, тоа се Светите Климент и Наум Охридски. Особено е значајно затоа што настанот се случува токму во Охрид, на денот посветен на Свети Клименти колку е значаен за охриѓани и охридскиот крај толку е повеќе значаен за целокупната македонска јавност, вели Ратајкоски.

Верувам дека Општина Охрид заедно со македонската интелектуална историска елита ќе продолжи да ја негува оваа традиција на запазување на се што е автентично, историско, што доаѓа и потекнува од овој крај и ќе го афирмира не само Охрид и македонската историја, туку и пошироко за најразлични цели и интереси, додаде Ратајковски.

Во ова издание се поместени низа творби од народната и уметничката литература, кои носат силна порака и навистина вреди да се прочитаат, рече Перчо Божиновски, претставник од Општина Охрид, потенцирајќи дека локалната ќе продолжи да дава поддршка на книги со кои се негуваат културата, историјата и традицијата.

Воодушевен сум од трудот на авторите проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски и нивната умешност во креирањето на уште едно издание кое ќе остави длабока трага и силен печат на охридското и македонското културно богатство. Ова е шеста книга од серијалот на книги со кои локалната самоуправа покажа дека е цврсто определна да ги негува културните традиции и да дава придонес во зачувување на историските вредности на Охрид. Убеден сум дека оваа практика ќе продолжи и во иднина и верувам дека наскоро ќе може да се радуваме на уште некое ново значајно издание, рече Божиновски.

Програма за чествување на Св Климент продолжува од 19 часот во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Григор Прличев” каде ќе биде отворена традиционалната изложба на Фото клуб – Охрид, а од 19.30 часот во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ (галерија) ќе биде поставена изложба на учениците од ОСУ „Св. Климент Охридски“, по што следува свечената академија.

Н.С.Ј.