Во НУ Библиотека „Григор Прличев“ проф. д-р Гоце Џуклески, познат македонски хармоникаш и композитор ја промовираше книгата „Македонска разгледница“. Се работи за книга која содржи 31 мелографски записи на исто толку ора чиј автор е Џуклески. Промотор на „Македонска разгледница“ беше  композиторот и хармоникаш Сашо Ливрински.

  • Мислам дека со право можам да тврдам дека оваа музичка книга е вистински пионер во запишувањето на ороводни ноти во Македонија. Имаме многу богата ризница на снимени народни и новокомпонирани ороводни ноти од ослободувањето до ден денес,но за жал навиката,практиката и стандардот за нивно запишување не одеше правопропорционално со ова.Посебно не се обрнуваше внимание на запишувањето на најточниот начин на изведбата,што даваше многу простор за импровизација,а таа,импровизацијата ако не е  контролирана од субјектот најчесто преминува во хаос и недефинираност,која пак не произведува стандарди. Всушност, сакам да кажам дека светската практика во запишување на музичката изведба подразбира, што е можно повеќе внесување на   податоци во записот,кои ќе го одредат вистинскиот карактер  на самата изведба и нејзино точно изведување,без индивидуални претпоставки.Со ова  се штити оригиналната мисла на авторот,неговото творештво и се обезбедува правилна изведба на неговите музички дела. Јас се обидов со сите мои сили и знаења овој светски стандард да го применам во запишувањето на ората,компонирани од Гоце и затоа мислам дека е ова пионерски обид за примена на овие стандарди на македонско тло.И не само моите нотографии,туку и самата корица,рецензиите и целокупната организираност на оваа музичка книга, сметам дека е еден вид таков пионерски зафат, рече Ливрински.

Учениците од Средното економско училиште „Св Кирил и Методиј“ Ивана Ническа и Роберто Неделкоски прочитаа извадоци од биографијата и од рецензиите на етномузикологот и музикологот Кирил Тодески и Марко Колоски.

Авторот Гоце Џуклески искрено им се заблагодари на сите за присуството, на сите соработници во неговата музичка кариера која трае 40 години со желба и натаму да творат заедно како и досега.

  • Музиката е најдобра слика за еден народ, а кога се работи за македонската музичка слика, таа е волшебна, неповторлива и вонвременска, рече Џуклески.

Џуклески најави и други проекти со кои ќе се збогати македонската песнопојна ризница, но и нотни записи кои ќе бидат добра оставнина за идните генерации.

OhridNews