Со прекрасната изведба на Прличевата „1762 лето“ од страна на оркестарот и пејачката група на ФА „Бисери“ започна промоцијата на монографијата „Прличеви беседи – хроника на еден културен настан“ (1952 – 2022) на авторите Милчо Јованоски и Гордана Змејковска со која Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ ја одбележа 70 годишнината од почетокот на култната манифестација „Прличеви беседи“.
Промоторот на монографијата беше новинарот и публицист Владо Жура кој истакна дека станува збор за вистинска моногрфија, сведоштво со сите нишани.
Монографијата е хроника за еден културен настан „Прличевите беседи“ во која покрај воведот поместени се податоци за иницијативата за беседите во далечната 1952 година, хронологијата на манифестацијата и искажувања на беседниците. Тука е споменат и Блаже Конески, па се нижат спомени за Прличевите визити и сеќавања на современици на Прличев, беседи изречени во последните 25 години, како и имињата на лауреатите за најдобра поема напишна на македонски јазик. Тука се и цитати на домашни и странски автори посветени на делото на Прличев, рече Жура.

Ние, како автори продолживме, таму каде што се застанало и преку документи, фотографии и искажувања се надеваме дека како наш залог за идните генерации уште еднаш ги зацврстивме историските и развојните факти, за седумте децении и посебно за последните 25 години сврзани со настаните од „Прличевите беседи“ одржани во нашата матична НУ Библиотека која со гордост го носи името на својот Патрон – Григор Прличев. Свесни сме дека со веќе собраното и објавеното ни од далеку неможеме да ги затвориме страниците на Прличев, туку напротив ги оставаме отворени за повторно ние или некој после нас да го збогати мозаикот наречен Прличев, истакна Јованоски.

Посебно сме горди што монографијата беше готова и отпечатена во годината посветена на Блаже Конески, кој слободно може да се рече дека е следбеник и продолжувач на Прличевото дело, додаде Јованоски.
Издавањето на монографијата финансиски е помогнато од Министерството за култура и Општина Охрид.
Н.С.Ј.












