Двегодишнината од смртта на основачот на „Охридска банка“, Најденко Поповски, беше одбележана со промоција на Монографија со записи од богатиот работен и општествен живот на оваа маркантна личност од нашиот град. Монографијата во која се поместени говори, размислувања и ставови на магистер Најденко Поповски, ја објави неговото семејство во знак на почит и сеќавање кон него.


Гестот на семејството на Најденко Поповски престставува вистински христијански дух кој остава трага врз идните генерации, истакна на промоцијата градоначалникот на Охрид, Александар Петрески. „Оваа монографија е потсетување за се што еден одговорен и успешен човек го создаваше, и кој покрај големиот работен  ангажман како врвен банкар и економист умееше и успеваше да се вгради себеси во развојот на Охрид и државата“, рече Петрески.


Иван Голабоски, близок соработник и пријател на Најденко Поповски, истакна дека Монографијата е сведоштво за еден немирен, мошне креативен и до крај општествено одговорен дух. „Направен е вистински избор на  извадоци од богатата писмена оставина на Најденко, своевиден времеплов за збиднувањата на општествената, економската и политичката положба на општината, земјата и Балканот“, рече Голабоски.


На животот и делото на Најденко Поповски поопширно се осврна и неговиот долгогодишен соработник Петар Теговски.  Тој истакна дека Најденко Поповски не беше само врвен стручњак, туку и филантроп, поддржувач на културата, уметноста и спортот, а Монографијата е потсетник на неговите големи дела.

Г. Момироски