Вчера во Скопје, беше промовирана илустрираната монографија за туристичките потенцијали и културно-историските знаменитости на земјава со наслов „Македонија – туристички бисер“, чие издавање е поддржано преку Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата.

Како што истакна Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, на страниците на ова издание се илустирани над 700 фотографии преку кои е прикажано богатото културно наследство што го поседува Македонија, меѓу кои археолошките локалитети и вредните артефакти.

„Во монографијата се илустрирани и природните убавини на нашата држава кои потврдуваат дека во Македонија манастирите и црквите ја одржуваат духовната, а езерата физичката култура на луѓето.“ – изјави Канческа-Милевска.

Таа додаде дека изработката на оваа монографија е во духот на интензивна промоција на туристичките и културните потенцијали на нашата држава.

„Во изминатиот период беа поддржани голем број кампањи и проекти со кои пред домашните и странските посетители беа претставени туристичките капацитети и културните потенцијали на нашата држава. Резултатите се веќе тука, бидејќи бројот на туристите што ја посетуваат Република Македонија секојдневно е сè поголем“ – рече Канческа-Милевска.

Композициите од текст, мапи и фотоилустрации застапени во монографијата ги нудат основните географски и историски карактеристики на Македонија и на нејзините десет туристички региони.

Во нив поединечно се презентирани географските карактеристики на регионот, туристичките локалитети и објекти, преку приказ на географско-историскиот развој на градските населби, разни природни и антропогени објекти, планини, долини, извори, реки, езера, термоминерални бањи, археолошки наоѓалишта, тврдини, кули, мостови, религиозни објекти, музеи, галерии и споменици.

Исто така, во монографијата се прикажани националните паркови, резервати и комплексните туристички локалитети, а се маркирани и најзначајните манифестации по кои е позната нашата земја не само во регионални, туку и во светски рамки. Во секој регион се компонирани по неколку препораки за дневни туристички прошетки и сето тоа е надградено со презентација на многубројни туристичко-угостителски објекти.

OhridNews