– Апликацијата која е изработена од страна на ФИНКИ може да се симне од GOOGLE Play продавницата на GOOGLE за андроид апликации. Откако ќе се инсталира на телефонот , корисникот може да се движи низ Охрид и покрај реалната слика која се добива низ камерата на телефонот, околу самиот објект добива и дополнителни информации за објектот што во моментот е во кадар на телефонот. Освен оваа можност, телефонот може да понуди и во било кое време галерии, текстови и содржини за сите знаменитости,во кој правец да се движите, а апликацијата има македонска и англиска верзија, објасни доцент доктор Иван Чорбев од ФИНКИ.
Апликацијата е изработена во соработка со ФТУ, од чија страна се обебзедени содржини и слики за сите позначајни археолошки локалитети и споменици во градот.
– Се она што досега е внесено е оргинално изработено, креирано за оваа апликација, значи не станува збор за преземени или копирани текстови. Претставува извонредна алатка за секој турист, особено за оние кои индивидуално го посетуваат градот и со тоа ќе добијат содржини за секоја знаменитост. Полека старомодните сигнализации кои понекогаш беа и збунувачки, сега се заменуваат со едноставна апликација со која додека се движите ги добивате потребните информации и ве поттикнува да ги посетите знаменитостите, вели деканот на охридскиот Факултет за туризам и угостителство професор доктор Сашо Коруноски.
Од Секторот за туризам и локален економски развој потенцираат дека локалната самоуправа и во иднина ќе го поддржува воведувањето на нови технологии при промовирањето на Охрид како туристичка дестинација.
– Ова е еден потег кој за нас, можеби ќе биде пилот чекор за воведување нови технологии при промовирањето на Охрид како туристичка дестинација. Верувам дека на овој начин, со давањето поддршка кон двете институции, ја покажуваме нашата подготвеност за соработка со сите вакви инстутции. На овој начин, не само ние како Локална самоуправа, туку и граѓаните ќе можат да навлезат во процесот на промовирање на туристичките производи и услуги на еден иновативен начин, рече раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов.
Како што беше најавено, следува и надоградување на апликацијата со информации и за останатите локалитети во близина на Охрид, но и знаменитости низ цела Македонија, како и информации за настани од културата, концерти, претстави и ноќниот живот.