Во свежа вевчанска вечер и во импресивниот амбиент на тремот на светиот храм Свети Никола во живописното Вевчани, со благослов на отец Зоран и во присуство на бројни поети, писатели, роднини и пријатели, синоќа, беше промовирана поетската рожба на Димче Шипинкаровски, збирката “Татковиот аманет”, во издание на Здружението за литература, култура и наука “Бран” од Струга.
Чинот на промоцијата се одржа во рамките на “Вевчанското културно лето”, годинава јубилејно – десетто по ред, за што зборуваше Сашо Бетоски, познат културен работник и афористичар. Уредник на изданието е Борче Панов, додека профсор д-р Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија, во посебна рецензија, прави осврт врз творештвото на Шипинкаровски.

Еден од новите современи македонски автори е и Димче Шишпинкаровски, поет од Струга, кој, преку својата поетска книга “Татковиот аманет”, презентира поезија создавана во 2020 и 2021 година. Во неговите свежи, доживеани и искрени песни, тој ја раздиплува целата своја интима, исполнета со немир, страст и пркос пишува, рече, мегу другото, проф.д-р Христо Петрески.

Честа да каже неколку збора, што не би биле одвишок после кажувањата на Петрески и Китаноски ја имаше и новинарот, колумнист и публицист Веле Митаноски.
Од поезијата на Димче, мене посебно ме трогна, цврстината на семејното стебло на татко му Петко, опстојноста и посветеноста на мајка му Крста (мојата Кети, велеше Петко), сега потпрено и од Димче, кој пее за мајка си Кети, за сестра си Јованка, нејзините чеда, Коста, Кристина и Јана, сопругот Антон, сопругата на Димче, вевчанката Захарија, по корен вевчански од Парталкој, како и за двајцата арслани, синовите Петар и Никола, воспитаници од најпознатите британски универзитети, а сепак, вратени назад на родната грутка, рече Митаноски.
Сето кажано, на сублимиран начин, го презентираше авторот Димче, кој го прочита аманетот на татко му Петко, објавен за животот, во едно од неговите бројни изданија, а сега преобјавен како воведно четиво во збирката “Татковиот аманет”.
Димче Шипинкаровски е добитник на награда, за 2022 година, на престижната поетска манифестација “Антево Слово”, која се доделува во чест на истакнатиот македонски поет Анте Поповски.
OhridNews













