Првата сликовница на македонски јазик посветена на нашата сограѓанка „Мајка Тереза-приказна за добрината“ од Цветанка Вучковска беше промовирана во Скопје. Изданието финансиски е поддржано од Министерството за култура.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека се промовира една необична читанка за деца која, како што рече, низ впечатливата раскажувачка фантазија на авторката Вучковска и низ прекрасните сликовни илустрации на Јулија Никовска Пешевска ни ја раскажува животната приказна и благородната мисија на Мајка Тереза.

– Оваа сликовница е едно навистина интересно четиво за децата кое на еден позитивен начин ќе влијае врз нивната едукација, врз развојот на личноста кај најмладите, врз нивната перцепција за вистинските вредности во животот кои мора да се негуваат и да се почитуваат, рече Канческа-Милевска на промоцијатс во Спомен-домот на Мајка Тереза.

Министерката за култура нагласи дека преку оваа книга децата ќе се запознаат со ликот на Мајка Тереза, која својата рана младост ја помина во Скопје и целиот свој живот се грижеше за луѓето.

-Уверена сум дека оваа вредна едукативна книга во која на еден навистина сликовит начин е прикажан животниот пат на Мајка Тереза ќе најде свој дом во многу семејства во Македонија и дека на тој начин ќе ги продолжиме заложбите на оваа голема хуманистка која во текот на целиот живот се залагаше за зачувување на мирот, љубовта и толеранцијата меѓу народите, потенцира Канческа-Милевска.

Авторката Вучковска, кустос-водич во Спомен-домот на Мајка Тереза, информира дека во регионот досега не е издадена ваква слична книга за Мајка Тереза.

–Честа да направиме прва детска книга за Мајка Тереза ни припадна токму нам. Во текот на работата, сфативме дека покрај честа голема е и одговорноста. Приказната за најпознатата хуманитарка на целиот свет да им се претстави на најмалите читатели е огромна, рече Вучковска. Додаде дека затоа се решила да пишува кратки, разбирливи разговори, инспирирани од вистински настани кои ги доживеала младата Гонџа, а подоцна и самата Мајка Тереза.

Таа потенцира дека главната порака на оваа сликовница е да им се пренесе на најмладите најголемата доблест на еден човек-хуманоста, желбата да се помогне некому, грижата за семејството и блиските, љубовта кон човештвото воопшто и стремежот светот да го направиме подобро место за живеење.

OhridNews