30-тина песни поделени во четири циклуси, кои се со наслов Сон, Јаве, Или привид и Ад хонорен, четвртиот кој што опфаќа една поема со наслов Македонија ја сочинуваат стихозбирката „Сон, јаве или привид“ од Зоран Јакимоски која беше промовирана вечерва.

Книгата е плод на моето неколку годишното работење, се надоврзува на книгата од 2017. Има дел ангажирана поезија и она што е препознатливо за мене е различни теми во 4 циклуси кои прават една целина. Насловот е настанат тогаш кога ги правев првите обиди на крајот на средношколските денови. Но некако повторно се врати тој наслов затоа што е актуелен и содржината на песните го носат тој наслов. Во нашето секојдневие ни се мешаат јавето, стварноста и понекогаш се доведуваме во ситуација кога незнаеме што е јаве што е сон, а што привид. Онаа стварност која ние поетите најчесто ја прикажуваме можеби не онака реално каква што е туку каква што ние ја збогатуваме, замислуваме или ја посакуваме можеби и оттаму доаѓа и насловот, вели авторот.

Инспирација во творештвото на Јакимоски е татковината, работите од секојдневието, проблемите со кои се соочуваме, како пандемијата со ковид 19, воените состојби, но и вечните теми, љубовта, смртта…

Книгата низ разговор со авторот ја претстави Јулијана Величковска.

Најчесто споменувани теми се библијата и библиските мотиви, мотивот на жената, еротска и љубовна поезија, ангажирана поезија во која на необичен и многу вешт начин ја поврзува љубовта со чувството на револуцијата, војните, немирот што поетите го носат во себе и потребата да гледаат на светот поинаку од обичните луѓе и она што како порив го чуствуваат да ги запишат своите мисли за тоа како го гледаат светот, рече Величковска.

Славе Ѓорѓо Димоски истакна дека има плејада на поети коишто нешто пишуваат на македонски ама не се чувствува како македонски јазик, нешто како да е преведено од некаде.

Зоран направи годинава книга којашто е исклучителна и мора да се прочита многу внимателно. Не верувам дека во годишната продукција македонска ќе има некоја што ќе е со неа рамна или на исто ниво. Поенатата ми е дека поетите од „провинцијата“ сеуште го чуваат македонскиот јазичен дух, истака Ѓорѓо Димоски.

Јакимоски е автор кој во континуитет од издавањето на првата книга во 1994 година твори и издава и верува дека повторно ќе има нови наслови.  Инаку, ова е негова 11 книга, односно 10 јубилејна поетска.

Н.С.Ј.