Промовирана виртуелната реконструкција на римската гробница од Видобишта во Охрид денес во дворот на Културниот центар Лапидариум во музејската зграда Куќата на Робевци.

Станува збор за еден поинаков вид на промоција на културното наследство во регионот вели Иван Малезанов од Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина Регионален зелен центар Охрид.

Овој археолошки локалитет е значаен во Охридскиот регион, но за жал истиот не е отворен за пошироката јавност. Идејата со овој метод на презентација е да се промовира самата гробница и да биде покажана на пошироката јавност со тоа што макетата ќе биде поставена во просториите на Музејската зграда „Куќа на Робевци“, додека виртуелна реконструкција ќе биде широко достапна на социјалните мрежи и на интернет платформите. На изработените флаери, исто така, имаме поставени QR код преку кој со скенирање може да се добие пристап до виртуелната реконструкција, вели Малезанов.

Додава дека проектот започнал на 20 јули оваа година, а истиот бил поделен на два дела од кои во едниот било спроведена изработка на теренска документација во текот на летниот период, по што следело кабинетска обработка на материјалот.

Ова подразбирало имплементирање на сите димензии кои се земени од гробницата, изработка на виртуелната реконструкција и 3Д моделот кој подоцна бил искористен за изработка на 3Д макетата.

Располагаме со голем број на споменици кои се тешко пристапни дали по пат или од други причини во приватни парцели, така што ова е поттик и за останати да го селдат овој пример. Ова е веќе втора виртуелна претстава на гробница, се надеваме дека ќе имаме и за друг вид на културно историски споменици, вели директорката на НУ Завод и Музеј, Катерина Ристеска Велкоска.

Инаку, проектот го реализира Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина Регионален зелен центар Охрид во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид.

Проектот е финансиран од Општина Охрид согласно Програмата за поттикнување на развојот на туризмот на Општина Охрид за 2022 година.

Н.С.Ј.