Во локалната самоуправа денес беше промовирано второто, дополнето и адаптирано издание на брошурата „Инвестирајте во Охрид“.
Како што истакна градоначалникот Никола Бакрачески, брошурата е со корегирани податоци во однос на првото издание, надополнети, во однос на можностите за инвестирање во агробизннисот , податоци кои во првото издание не кореспондирале со фактичка состојба на терен, односно со измени на катастарски парцели, податоци добиени во комуникација со бизнис секторот во Охрид, државните и локални институции.
– Брошурата претставува едно моќно орудие во рацете на вработените во локалната самоуправа кои се занимаваат со развој на локалната економија, со цел на побрз полесен и поедноставен начин да им се презентираат потенцијалите на инвеститорите во областа на туризмот, агробизнисот, индустријата , изградбата на инфраструктурни објекти, рече Бакрачески .
Раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов објасни дека новата брошура содржи вкупно 20 проекти кои се групирани во четири различни делови.
– Овде не застануваме. Следното нешто на кое сме фокусирани и почнуваме со реализација е подготовка на 3д компјутерско графички изработени анимациии за поедини локации кои исто така ќе бидат понудени како идејни решенија на потенцијални инвеститори во рамки на брошурата. Во наредниот период се надеваме дека за неколку од локациите ќе имаме такви идејни решенија. Тоа е чекор понапред во однос на доловување на можностите кои одредени проекти ги нудат за потенцијалните инвеститори, а со тоа ние ги следиме и модерните трендови во однос на презентација на проектите , вели Апостолов.
Апостолов најави дека во подготовка е и уште една активност на локалната самоуправа со која ќе им се олесни пристапот и започнувањето со работа на инвеститорите.
– Во соработка со Работничкиот универзитет ќе се вршат обуки за преквалификација и доквалификација на невработени лица во одредени струки кои им се потребни на инвеститорите. Стапивме во контакт и со оние компании кои веќе одлучиле да инвестираат и оние кои се најавени како можни инвеститори и од нив побаравме да ни дадат список на струки кои им се потребни во нивниот производствен процес, објаснува Апостолов.
Предвидено е да се изврши селекција на кадри кои согласно потребите на компниите ќе се обучат со цел кога ќе се објават огласи за вработување, градот да понуди готов и подготвен кадар.
Т.К.