Начинот на аплицирање на активниот Јавен повик од мерката 7 „Диверзификација на фармите и развој на бизниси“ од ИПАРД Програмата 2014-2020 година, беше главната тема на информативно-едукативниот настан, кој се одржа во организација на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во Општина Охрид. На презентацијата присуствуваа голем број заинтересирани граѓани од Охридскиот регион, кои работат во рамки на приоритетните сектори за поддршка и кои може да аплицираат на оваа мерка.
Градоначалникот Константин Георгиески истакна дека ваквите настани се од голема корист за подобра информираност на заинтересираните странките во врска Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на ЕУ-ИПАРД, како и со начинот на аплицирање на програмата. Тој нагласи дека Охрид како туристички центар има големи потенцијали за аплицирање и учество на вакви фондови и програми за поддршка, особено во делот за промоција и развој на руралниот туризам, креирање на услуги во земјоделството и занаетчиските дејности.
Јавниот повик 01/2021 за мерката ИПАРД 7 беше објавена на 8-ми јули 2021 година и во тек е доставувањето на Барањата за користење на средствата.Приоритетни сектори кои ќе бидат опфатени со мерката се алтернативно земјоделско производство, производство на прехранбени производи и пијалаци, производство на не-прехрамбени производи – (сите дејности согласно листата на дејности која е Прилог 14 на ИПАРД Програмата), развој на занаетчиски активности, обезбедување на услуги во земјоделството,развој на услуги за руралното население, промоција на руралниот туризам, производство и продажба на енергија од обновливи извори.Крајниот рок за аплицирање е 22-ри август 2021 година.
OhridNews













