Денеска на  Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид беа промовирани новоизградените простории, со што целосно заврши 50 милионската инвестиција за надградување и адаптација на оваа најмлада високообразовна институција во земјава.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, истакна дека новите простории ќе овозможат современи светски услови за изведување наставно-научна активност, развој на едукативниот процес во земјава и зголемување на квалитетот и перцепцијата на градот Охрид како едукативен центар во Република Македонија.

Навистина ми претставува задоволство што успеа да се заокружи еден прекрасен проект, односно заврши оваа фаза на целосна изградба и адаптација на овој простор. Инвестицијата чинеше околу 50 милиони денари кои беа покриени од Министерството за образование и наука, односно Владата на Република Македонија во соработка со управата на универзитетот, со која имавме одлична комуникација во изминатиот период.“ – истакна министерот Ристовски.

Тој најави дека Владата ќе продолжи со своите инвестиции во делот на образовниот систем, односно во проширување на можностите за образование во градот Охрид, како и зголемување на квалитетот на УИНТ „Св. Апостол Павле“.

Владата има сериозен план и проект со кој планира проширување на капацитетите на универзитетот. Постојат планови во оваа фаза, дел од старата касарна во Охрид да биде целосно адаптирана, меѓутоа сега за сега тое е во фаза на проект. Во наредниот месец до месец и половина, ќе имаме финална одлука и ќе бидете известени и вие и граѓаните на Охрид, со што ќе се обидеме да овозможиме зголемен прифат на студенти. Денеска овде видов студенти од целиот свет, не само од Македонија, што прикажува дека овој универзитет станува конкурентен, а Република Македонија може да се пофали во делот на квалитетно образование.“ – додаде Ристовски.

Проректорот при УИНТ „Св. Апостол Павле“ – Охрид, Иван Бимбиловски, потенцира дека новите простории ги задоволуваат светските стандарди и претставуваат огромно проширување на капацитетите на оваа институција.

Имаме нови програми, професори, студенти, соработка, проекти, грантови, а сега имем и нови простории. Ништо од ова не ќе беше возможно ако не беа силните заложби на ректорот и неговите соработници и огромната поддршка од Владата, Министерството за образование и наука и министерот лично. Ние ќе се потрудиме со зголемување на обемот на нашите активности во интерес на студентите, градот Охрид и Македонија, во многу блиска иднина истите да станат претесни.“ – потенцира Бимбиловски.

Инаку, на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид просечно студираат по 200 студенти на годишно ниво, од кој поголемиот дел се странски стипендисти кои доаѓаат од Африка, Азија и Америка.

О.Т.