Во спомен- куќата на Христо Узунов, пред бројните посетители, колеги и соработници, угледниот охридски историчар на уметност Гоце Ангеличин Жура го промовира својот најнов труд- книгата „Прилози од историјата на уметноста на охридската диецеза“. 


Книгата е резултат на повеќегодишните истражувања на Гоце А. Жура, во охридско-преспанскиот и корчанско – москополскиот регион во Албанија. Се состои од осум научни прилози кои содржат нови важни откритија, пронајдени во сакралните објекти во охридската диецеза.


– Авторот во оваа книга се задржува на ликовите на Свети Климент и Свети Наум кои се откриени при неговите теренски истражувања на пештерните цркви на брегот на Охридското и Преспанското езеро, а кои досега не и беа познати на научната јавност, истакна промоторот на книгата, Јорданка Матова, историчар на уметност.


Авторот Гоце А. Жура им се заблагодари на своите колеги и соработници кои учествувале во изработката и издавањето на книгата. – Од сите тие патешествија во текот на неколку годишните истражувања со моите соработници понесовме незаборавни моменти и спомени, истакна Жура.

Книгата “ Прилози од историјата на уметноста на охридската диецеза” е објавена на македонски и англиски јазик.

Т. К.
Фото: “Емилио”