​Во рамки на свечената програма на Општина Охрид за одбележување на 23-ти Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, денес беше промовирано петтото, јубилејно издание на поетската збирка „Тие доаѓаат“.

На настанот, кој собра бројни љубители на пишаниот збор, наставници, ученици и културни дејци, беше истакнато значењето на овој традиционален проект кој со години ја поттикнува младинската креативност, го негува македонскиот јазик и отвора простор за новите генерации автори.

Петто издание за еден литературен труд во денешно време не е само обична бројка или статистика, тоа е најцврстиот доказ дека книгата живее, дека пусира и дека пораката што ја носи, живее со душата на читателот, рече во обраќањето претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

Насловот „Тие доаѓаат“ во себе носи една силна, речиси пророчка динамика. Тој наслов буди љубопитност, но и надеж. Кои се тие што доаѓаат? Тоа се новите генерации, новите идеи, новите сфаќања, но и одговорите за сите наши дилеми. Преку мајсторски изградениот стил, богатиот јазичен израз и длабоката мисла, оваа книга успева да не прегрне сите нас и да не замисли за тоа каде бевме, каде сме денес и што ни носи утрешниот ден. ​Ова петто издание е потврда дека културната публика во Охрид и ширум Македонија знае да препознае квалитет, емоција и автентичност. Додека книгата се чита и препрочита, нашата култура живее, а македонскиот јазик се негува и извишува на местото каде што и секогаш и му припаѓа. ​Честитки од срце за овој голем јубилеј и посакувам уште многу нови изданија, уште многу инспирација и нови страници кои ги исполнуваат нашите библиотеки и нашите души, истакна Божиновски.

Уредникот на изданието Митре Велјаноски посочи дека од 50тина проекти кои во изминатите 20тина години на полето на културата ги имаат реализирано и сè уште ги реализираат, најгорд е токму на овој проект што заживеал и со кој се поттикнала љубовта кај младите да пишуваат и творат.

Сите знаеме дека ние сме благословени од Бога што живееме во Охрид, но сме обврзани од Свети Климент и од Свети Наум да го негуваме она што тие го започнаа. ​ Поезијата викаат дека е уметност кога тишината се преточува во збор, а стиховите се прозорци кои ја отвораат човековата душа. ​Токму тоа го прават и најзначајните поети, но токму тоа го прават и овие нежни рачињи на овие деца. ​Викаат книгата е сон што го држиме во рака и овој сон сите вие го оплеменивте, благодарение на Општина Охрид. И затоа изразувам огромна благодарност до Општина Охрид, а ја имате и таа чест и таа привилегија ваш рецензент, уредник, преведувач, да биде еден од најзначајните современи македонски писатели, Славе Ѓорѓо Димоски, нашиот поет, човек кој е преведен на сите европски јазици, а стигнува пред извесно време да биде преведен и на кинески јазик. Можете да претпоставите колкаво е значењето на ова што го правите вие, рече Велјаноски обраќајќи им се на децата и посакувајќи им во иднина да имаат и свои самостојни книги.

Приредувачот на изданието Славе Ѓорѓо Димоски потенцираше дека во сите пет книги во основа стои идејата за јазикот како жив организам за младите творци како негови активни публикувачи.

Јазикот е динамична и витална материја која постојано се преосмислува преку ученичката фантазија. ​Во овој случај учениците не се само пасивни корисници на јазикот, туку и јазични креатори што упатуваат на нивната креативна договорна улога во неговото градење. ​Поезијата во таа суштина се дефинира како синтеза на чудесното и обичното, простор каде сетилното искуство се преобликува во возвишен израз во кој јазикот трепери, а младите поети преку имагинацијата ги надминуваат границите на реалното. Задоволен сум што оваа книга излезе малку поголема од другите, што значи дека активностите на основните училишта и средните училишта се зголемени, а застапени се сите основни и средни училишта, додаде Димоски.

Пред присутните се обрати и директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“, Христина Трпеска, која ја потенцираше соработката која ја имаат како институција со Општина Охрид, како и реализацијата на низа проекти наменети токму за учениците. Потоа заедно со писателката за деца Розе Костеска, прочитаа дел од поетските творби од новото петто издание на поетската збирка „Тие доаѓаат“.

​

Настанот заврши со свечено врачување на примероци од книгата на застапените ученици и нивните ментори, со желба и поттик за уште многу идни литературни успеси.

Н.С.Ј.